Набавката на вакцината против ковид-19 ќе чини 7,9 милиони евра. Владата на вчерашната седница ги усвои измените и дополнувањата на Програмата за задолжителна имунизација на населението за 2020 година, со што се потврдува намерата на Министерството за здравство да учеството во Ковакс системот за набавка на 833.000 дози на вакцини. За оваа намена од буџетот одобрени се 487.900.000 денари (околу 7,9 милиони евра), од кои 69.722.000 (околу 1,3 милиони евра) се предвидени за авансно плаќање на вакцините.
Во земјава, вакцината против ковид-19 нема да биде задолжителна и граѓаните сами ќе одлучат дали ќе се вакцинираат или не. Вакцината ќе биде бесплатна.
Македонија ќе добие вакцини против ковид-19 за 400.000 луѓе или за 20 отсто од населението, бидејќи е потребно да се примат по две дози. Сепак, овие 833.000 дози нема да стигнат сите одеднаш, туку со динамика и план согласно нашите капацитети, а првите дози реално би требало да се очекуваат во првото тромесечие (јануари-март) од следната година.
Во првите 20 проценти се предвидува вакцинирање најпрво на ризичните групи како здравствените работници, хронично болните и постарата популација. Потоа се планира набавка на дополнителни количини на вакцини и за останата популација.
А. АНТЕВСКА