Еднократната поддршка од 6.000 денари може да се користи во кој било период без рокови и ограничувања. Од Владата велат дека станува збор за околу 300.000 граѓани кои средствата ќе ги добијат на нивната трансакциска сметка.
„Тоа се пари се наменети за граѓаните на кои им е потребна поддршка и истите може да се користат непречено веднаш по уплата на сметката. Овие средства се и остануваат за граѓаните. Дополнително, целта е и да се поддржи домашната економија, преку стимулирање на личната потрошувачка“, велат од Владата.
Оваа мерка е од четвртиот пакет за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани. По 6.000 денари на сметка добиваат граѓаните со низок доход, пензионери кои имаат до 15.000 пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. За оваа мерка која ќе се реализира преку исплаќање на средствата на постоечката трансакциска сметка на граѓаните, испроектирани се вкупно 27,5 милиони евра.
На страницата kupuvamdomasno.gov.mk граѓаните може да проверат дали се на листата со внесување на својот матичен број.