Можно е да има мини пик понатаму, но тој би се должел на непочитување на мерките за заштита од ковид-19, рече денес министерот за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека изминатиов период во земјава има значителен пад на бројот на новодијагностицирани случаи, пад на вирулентноста на вирусот и пад на бројката на хоспитализирани пациенти.
„Многу од предвидувањата во врска со вирусот не се остварија, некои пак се остварија посебно во делот дека ќе има есенски пик. Со последните мерки и препораки имаме сериозен ефект во намалувањето на бројот. Болниците се полупразни. Морам да потенцирам дека здравствениот систем е спремен да пресретне и следен бран. Нема да го смениме системот на реорганизација на јавно здравствените институции додека не поминат празниците, некаде до крајот на следниот месец. Така што, верувам дека граѓаните ќе продолжат да се однесуваат на овој начин“, кажа министерот по предавањето на донацијата од Германската амбасада во Поликлината во Шуто Оризари.
На новинарски прашања за тоа кога во Македонија ќе стигнат вакцините против ковид-19, Филипче рече дека е очигледно е дека сите земји, па и тие од Европската Унија добија многу помали количини од тоа што очекуваа. Филипче вели дека ни нашата земја, ни која било друга, не знае однапред која вакцина ќе ја добие преку Ковакс механизмот.
„Уште на почетокот оставивме простор да разговараме и да користиме и други механизми освен Ковакс механизмот. Освен тој механизам, се понудија и европските земји кои за време на правењето на нивните директни договори земаа предвид оти треба да споделат и со останатите земји кои не се членки на ЕУ и оттука доаѓаат понудите на Полска, Бугарија, Грција, сега и на Австрија. И третиот механизам, имавме директни разговори со компаниите. Согласно динамиката на нивното производство, практично ние очекуваме да имаме и поинакви вести од овие досега кои што ни ги даваа за време на разговорите. И тие ние укажаа дека се соочуваат со огромен притисок“, рече министерот, додавајќи дека нема цена што Владата нема да може да ја плати за вакцина.
Од почетокот на коронакризата во земјава се регистрирани 82.301 случаи, оздравеа 60.256, починаа 2.473, а активни случаи се 19.572.
Б. НЕСТОРОСКА