ЕУ ВОВЕДУВА КОНТРОЛА НА ИЗВОЗОТ НА ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД-19, ЗАПАДЕН БАЛКАН ЌЕ БИДЕ ПОШТЕДЕН ОД ОДЛУКАТА

    ЕУ ВОВЕДУВА КОНТРОЛА НА ИЗВОЗОТ НА ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД-19, ЗАПАДЕН БАЛКАН ЌЕ БИДЕ ПОШТЕДЕН ОД ОДЛУКАТАЕвропската Унија тврди дека станува збор за привремена шема, а не за забрана (Фото: Шатерсток)

    Европската Унија потврди дека ќе воведе контрола на извозот на вакцини против коронавирус произведени во блокот, среде спорот поради намалените испораки. Таканаречениот механизам на транспарентност им овозможува на членките на Унијата да не го одобрат извозот на вакцини ако компанијата која ги произведува не ги испочитувала постоечките договори со ЕУ.

    „Заштитата и безбедноста на нашите граѓани е приоритет и предизвиците со кои се соочуваме сега не ни оставија избор“, соопшти Европската комисија.

    Оваа одлука ќе погоди повеќе од 100 држави, вклучувајќи ги Велика Британија, Австралија, САД и Канада. Таа нема да се однесува на вакцините наменети за Ковакс иницијативата, како и на извозот во Швајцарија, Норвешка, Израел, Западен Балкан и Северна Африка.

    Светската здравствена организација е меѓу оние кои го критикуваа овој потег, велејќи дека ќе има погубен ефект во светот. Европската Унија тврди дека станува збор за привремена шема, а не за забрана. Според новото правило, производителите на вакцини ќе мора да побараат дозвола за извоз надвор од ЕУ.

    Ова следува откако Европската комисија влезе во спор со британско-шведската компанија „АстраЗенека“, која најави дека испораките на вакцини ќе бидат намалени поради проблеми во една од нејзините фабрики во Европа. Поради тоа, Европската комисија денеска го објави доверливиот договор што го има со „АстраЗенека“ за да потврди дека таа не го испочитувала ветеното.

    ЕУ го критикуваше и „Фајзер“ дека исто така нема да успее да го испорача договореното количество вакцини до крајот на март.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира