ИНСПЕКТОРАТОТ ПРЕДЛАГА ОДЗЕМАЊЕ НА ДОЗВОЛАТА ЗА РАБОТА НА ДОКТОРКАТА ОД СТРУГА КОЈА ПРЕГЛЕДУВАЛА ДОМА

    ИНСПЕКТОРАТОТ ПРЕДЛАГА ОДЗЕМАЊЕ НА ДОЗВОЛАТА ЗА РАБОТА НА ДОКТОРКАТА ОД СТРУГА КОЈА ПРЕГЛЕДУВАЛА ДОМАИнспекторите по два часа успеале да влезат во куќата, затекнале дека во неа имало опремена гинеколошка ординација во кој се вршеле прегледи иако за тоа немало дозвола.(Фото: СДК.МК)

    Докторката од болницата во Струга која и дома вршела гинеколошки прегледи доби забрана за вршење на дејност и предлагаме да ѝ биде одземена дозволата за работа, соопштија од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) по извршениот инспекциски надзор. Инспекторите по два часа успеале да влезат во куќата, затекнале дека во неа имало опремена гинеколошка ординација во кој се вршеле прегледи иако за тоа немало дозвола.

    „По двочасовно преговарање со сопствениците на објектот,  инспекторите и полицијата влегоа во посочениот простор, кој има 25 метри квадратни и бил опремен за ординација за гинекологија и акушерство, при што затекнатата  фактичка состојба индиректно укажува дека во него се вршела гинеколошко-акушерска дејност. Притоа објектот воопшто не бил обележан за дејноста“, велат од Државниот здравствен инспекторат.

    Просторијата во која се одвивала гинеколошко-акушерската дејност е во сопственост на д-р З.П.Ш. доктор специјалист по гинекологија и акушерство, вработена во ЈЗУ Општа болница Струга. Инспекторатот на докторката ќе ѝ издаде решение за забрана за вршење на дејност поради неисполнување на услови за вршење на дејност согласно член 301 од Законот за здравствената заштита, а истовремено ќе го извести и Министерството за здравство за одземање на дозволата за работа согласно член 62 од истиот закон.

    „При надзорот, приложен е Договор за отстапување на користење на простор каде стои дека просторијата се издава на времено користење на ПЗУ Д-р Благоја  Парталоски. Наведената приватна здравствена установа ПЗУ Д-р Благоја Парталоски има решение издадено од Министерството за здравство од 1999 година, дека исполнува услови за вршење на специјалистичко гинеколошко-акушерска дејност на гореспоменатата  адреса, а која во моментот нема носител на дејност бидејќи  д-р Парталоски е во пензија од 2009 година а има отстапувања и во однос на просторот“, објаснуваат од Инспекторатот.

    Од таму напоменуваат дека инспекциската постапка сè уште е во тек и по комплетирањето на севкупната документaција, ќе се преземат сите мерки согласно надлежностите.

    Пред еден месец ист случај беше и со докторот и директор на струшката болница Мухамед Асани. Тој не беше разрешен од директорската функција него Инспекторатот исто така утврди гинеколошка ординација дома и пациентки изјавуваа дека ги прегледувал на диво.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира