15 ДЕНА КУЌЕН ПРИТВОР ЗА 16-ГОДИШНИКОТ КОЈ ПРЕГАЗИ ДОКТОР ПРЕД КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

    15 ДЕНА КУЌЕН ПРИТВОР ЗА 16-ГОДИШНИКОТ КОЈ ПРЕГАЗИ ДОКТОР ПРЕД КЛИНИЧКИ ЦЕНТАРМалолетникот го прегазил докторот пред Клиничкиот центар и избегал, но набргу бил фатен кај трговскиот центар Рамстор. (Фото: СДК.МК)

    Петнаесет дена куќен притвор и одземање на пасошот му определи судот на шестнаесетгодишното момче без возачка дозвола, кое на 25 февруари вечерта го прегази абдоменалниот хирург и професор д-р Ѓорѓи Јота пред Клиничкиот центар во Скопје, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.

    „Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка спрема дете во ризик постаро од 14 години, за кое постои основано сомнение дека извршило дејствие кое со закон е определено како кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 1 од Кривичниот законик“, соопшти Обвинителството.

    За него нема да се води класична истрага, туку постапка по Законот за права на децата.

    Тешко повредениот 58-годишен доктор има тешка повреда на главата и е во кома во одделот за интензивно лекување на ТОАРИЛУЦ.

    Несреќата се случила на улицата Мајка Тереза, поранешна Водњанска во Скопје во 20.30 часот, кога пешакот Јота кој излегувал од Клиничкиот центар по крајот на работното време. Малолетникот го прегазил и избегал, но набргу бил фатен кај трговскиот центар Рамстор. Обвинителството вели дека „не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот, односно наближувајќи кон обележан пешачки премин не го управувал автомобилот со брзина која би му овозможила да запре и да ги пропушти пешаците“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира