КАРАНТИН ОД 14 ДЕНА ЗА СИТЕ КОИ ДОАЃААТ ОД АФРИКА, ПРЕДЛАГА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    КАРАНТИН ОД 14 ДЕНА ЗА СИТЕ КОИ ДОАЃААТ ОД АФРИКА, ПРЕДЛАГА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИДо овој момент во земјава се уште не е детектирано присуство на јужноафриканскиот сој на вирусот. (Фото: Архивска фотографија на СДК.МК)

    Задолжителен домашен карантин од 14 дена за лица кои доаѓаат од сите африкански земји е новиот предлог на Комисијата за заразни болести во однос на заштитните мерки против ковид-19, соопшти Министерството за здравство.

    Оттаму додаваат дека до овој момент во земјава уште не е детектирано присуство на јужноафриканскиот сој на вирусот.

    Шеесет и петгодишен битолчанец кој претходно престојувал со сопругата во Занзибар, Африка, со позитивен тест на коронавирус од понеделникот е хоспитализиран во Специјализираната болница за нефрологија, Струга, а неговата сопруга е во стабилна состојба во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје.

    Според Министерството, МАНУ утре ќе изврши анализа на брисеви на двајцата пациенти кои се вратиле од Занзибар. Пациентите се хоспитализирани веднаш откако ги пројавиле првите симптоми на вирусот СарсКОв2.

    „Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести согласно актуелната епидемиолошка слика и анализите на Институтот за јавно здравје, не ја исклучуваат можноста да се донесат препораки за нови мерки со цел спречување на понатамошно ширење на ковид-19 вирусот. Апелираме до граѓаните задолжително да ги почитуваат здравствените мерки и протоколи, како носење маска, одржување хигиена на раце и држење дистанца“, велат од Министереството.

    Јужноафриканскиот сој (Б.1.351) е пронајден во најмалку 20 држави. Се појавил во октомври и има потенцијално позначајни промени во шилестиот протеин. Тоа вклучува мутација наречена Е484К, која му помага на вирусот да ги избегнува антителата во имунолошкиот систем.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира