Откако вчера Уставен суд го укина мораториумот за градба од Општина Центар велат дека ќе продолжат со ревидирање на Деталните урбанистички планови (ДУП). Велат сега процесот потешко ќе оди бидејќи градежниците ќе имаат право да бараат дозволи за градење, но не се откажуваат од исправање на лошите планови донесени во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе продолжиме со ревидирање на плановите иако процесот се одвиваше полесно додека на сила беше одлуката за нивно неспроведување. Општината ќе ги искористи сите дозволени правни механизми да продолжи со дисциплинирање на градежните парцели и ќе инсистираме максимално на запазување на параметрите за донесување на ревидираните детални планови“, велат од кабинетот на градоначалникот Саша Богдановиќ.
Уставен суд вчера одлучуваше за уставноста на забраната за градба во скопски Центар по иницијативата поднесена до нив од двајца охриѓани. Уставните судии ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови донесена од Советот на Општина Центар на 27.03.2019 година и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука.
Советот на Општина Центар по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, на 27 декември 2017 воведе мораториум на градба, со кој беше стопирана реализацијата на 31 детален план. Досега се ревидирани само 8 планови.
А. АНТЕВСКА