ПРИЛЕП БАРА ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 19 ЧАСОТ, СИТУАЦИЈАТА Е АЛАРМАНТНА, А ГРАЃАНИТЕ СЕ ДРУЖАТ И СЕ СОБИРААТ ПО ДОМА

    ПРИЛЕП БАРА ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 19 ЧАСОТ, СИТУАЦИЈАТА Е АЛАРМАНТНА, А ГРАЃАНИТЕ СЕ ДРУЖАТ И СЕ СОБИРААТ ПО ДОМАПрилеп е втор град во државата по број на новозаразени. (Фото: СДК.МК)

    Општинскиот кризен штаб на Прилеп бара од надлежните во државата заострување на мерките за заштита од ковид-19, поточно полицискиот час во следните две до три недели на територијата на општината да биде од 19 до 5 часот.  Барањето следува откако Прилеп стана втор град во државата по број на новозаразени меѓу кои голем дел се млади лица, има многу хоспитализирани и починати од ковид-19. Општина Прилеп е прва во државата по стапката на морталитет, поточно број на смртни случаи од вкупниот број на население.

    Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, на денешната прес-конференција, прва по неговото закрепнување од ковид-19, рече дека состојбата со болеста во општината е алармантна и крајно загрижувачка.

    „Во Општата болница ‘Борка Талески’ во Прилеп се хоспитализирани 89 лица од кои 77 се на кислородна поддршка. Дополнително во дневната болница се лекуваат 92 пациенти . Во последните 24 часа за преглед на Инфективното одделение се јавиле 105 пациенти, а имаме и 5 починати во последните 24 часа“, рече Јованоски.

    Градоначалникот објасни дека полицискиот час треба да почнува три часа порано бидејќи во периодот од 19 до 22 часот има најголем број дружења, собирања по дома и излегувања по кафулињата.

    „Свесни сме дека со оваа мерка уште повеќе ќе го нарушиме комидитетот на граѓаните, но од превентивни причини важно е во овој период да бидат скратени дружењата и забавите. Како дополнителна причина што заразата во Прилеп добива драматични размери се куќните дружења на граѓаните во поголем број, кои тешко се контролираат и се кријат од јавноста“, додаде Јованоски.

    Тој уште посочи дека постои и неодговорното однесување на поголем дел од граѓаните во однос на заштитата на сите нивоа, на работните места, во многу јавни институции и приватни компании, а дека има и заразени кои се шетаат низ градот, по продавници и аптеки.

    Епидемиолозите посочуваат дека голем број на граѓани ги кријат контактите и не го кажуваат критичниот настан каде се заразиле. Со тоа свесно придонесуваат за зголемен број на заразени.

    Драгица Николоска, директорка на Центарот за јавно здравје од Прилеп, рече дека од 8 до 14 февруари бројот на новоизаразени е 379 што покажува 20 до 25 процентно зголемување на неделно ниво. За една недела во Прилеп има и 14 починати, а активни случаи во моментов се 804. Од појавата на пандемијата до денес се разболеле 8.122 прилепчани, а починале 284.

    „Британскиот сој е доминантен 100 проценти во Општина Прилеп, може да се очекува и во следниот период постојано зголемување на бројките оти е многу позаразен“, рече Николовска.

    Таа кажа дека во рамки на Центарот комплетно е реорганизиран просторот во микробиолошката лабораторија и комплетно е опремена молекуларната лабораторија која би започнала со тестирања за ковид-19. Во крајна фаза е постапката за набавка на реагенси.

    Од утре, во Прилеп се редуцира и автобускиот превоз кој во помал број ќе сообраќа само до 18 часот. На пазарите ќе има ковид штандови за дезинфекција на раце, а секој кој ќе дојде без маска нема да биде пуштен.

    Во тек е и реорганизација на болницата, па покрај постоечките ковид-центри кои се активни на Инфективното, Интерното, Одделението за уво, нос и грло и на Гинекологија, во тек е постапка за пренамена и на Очното одделение во ковид-центар.

    „Се подготвува и модуларната болница, доводот на електрична енергија ќе се спроведе в четврток, а доводот на кислород викендов. Од понеделник, се надевам дека ќе биде комплетно опремена за да ги прими новите пациенти. Ќе има 35 легла, а имаме 28 слободни во сите ковид одделенија. Кадарот е ставен максимално на располагање, а ќе ги распределиме оние кои не се активни и прилив на нов кадар од други одделенија“, рече директорката на болницата од Прилеп Кети Смилеска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира