Судија на претходна постапка од Основниот суд Гостивар попладнево ѝ одредил мерка притвор од 30 дена на мајката чие седумгодишно дете вчера ѝ изгоре во пожар. Отежнато било спасувањето на детето во големиот пожар во стан во зграда во Гостивар, зашто тоа со синџир било врзано за кревет, токму од мајка си.
Според информацијата што ја добил дописникот на МИА од Гостиварскиот суд, мајката е однесена во притвор во Шутка. Трите мали деца се згрижени од Центарот за социјални работи (ЦСР) на Гостивар.
Според првичните сознанија од истрагата, мајката го врзувала сега веќе починатото свое дете со синџир, зашто било агресивно. Другиот дел од истрагата се однесува на причините за избувнување на пожарот во станот кој мајката од Ресен, со четирите деца, го изнајмила по доселувањето во Гостивар.
Машко возрасно лице немало со нив, бидејќи, децата биле од вонбрачна врска на осомничената мајка.
Центарот за социјални работи на Гостивар вчера за ова семејство разбра од трагичниот настан. Мајката никогаш не барала помош, детски додаток или други права од државата, ниту пријавила здравствени проблеми или темперамент, агресивност, психичко нарушување на некое од децата, поради што останала невидлиова за социјалните органи не само во Ресен, туку и каде и да живееле се децата. Претходно за нив немало пријави ниту од соседи, ниту во МВР.
Директорката на ЦСР Гостивар Магдалена Савеска ни изјави дека со децата работи тим од стручни лица и оти главната цел покрај сместувањето, е тие да излезат што побргу од траумата и да добијат нормално секојдневие и љубов.
С. К. ДЕЛЕВСКА