Не е исклучена можноста да се воведат нови рестриктивни мерки, пресекот на епидемиолошката состојба ќе покаже дали ќе се засилат мерките, велат од Министерството за здравство (МЗ) за САКАМДАКАЖАМ.МК на прашањето колкава треба да е дневната бројка на новозаболени и на починати од ковид-19 за да се донесат поголеми рестрикции.
Во изминатите 24 часа, 70 нови пациенти се примени во ковид-центрите во Скопје, од кои 48 на Интерните и Хируршките клиники каде што максимално е редуцирана редовната програма со пациенти кои имаат и друга мака.
Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Министерството и зошто не се скрати работното време на угостителските објекти и на трговските центри. Тие велат дека не се надлежни за скратување на работно време, а пак за тоа дали ќе им се дозволи на општинските кризни штабови да си носат свои рестриктивни мерки, МЗ вели дека рестриктивни мерки во државата може да донесе единствено Владата.
На нашето прашње дали Министерството за здравство предложило или ќе предложи до Владата да се скрати работното време на угостителските објекти и трговските центри? Дали ќе се предложат и други мерки за места каде што има поголема фреквенција на луќе, како на пример во превозот со јавните претпријатија, по зголемениот број на новозаболени од ковид-19 ?, оттаму велат: „Комисијата за заразни болести ја следи епидемиолошката состојба со коронавирусот во земјава и во регионот. Според истата дава предлози за дополнување на мерките. Доколку е потребно не се исклучува можноста да се предложи и скратување на работното време на угостителските објекти“.
На нашето прашање што ќе се случи откако ќе се наполни и Институтот за белодробни заболувања во Козле, кој има капацитет од 50 кревети, тие велат дека во земјава во моментов се отворени 30 Ковид-центри во кои се сместени 1.400 пациенти и има околу 300 слободни кревети.
„Состојбата со бројот на хоспитализирани се следи на дневно ниво. Исто така секојдневно се врши испис на пациенти и согласно пополнетоста се прави план за евентуално проширување на капацитетите“, ни одговорија од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.
На прашањето зошто не се зголеми времетраењето за прием на пациенти за лабораториски испитувања за д-димери и црп за тие што не лежат во болница, од Министерството велат дека во моментов капацитетите се доволни, иако во три скопски поликлиники тие анализи се прават само по еден час дневно.
Во Скопје според последните податоци од компликации на ковид-19 по болниците лежат 569 граѓанки и граѓани. Утрово до 8 часот имало 70 слободни кревети. Вчера беа регистрирани 30 починати за 24 часа, а според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), oд 15 до 21 март пријавени се 158 смртни случаи од ковид-19 од 27 градови, односно 22,5% повеќе во однос на минатата недела.
Во земјава има 14.851 активен случај на ковид-19, од кои 7.604 болни се во Скопје, а останатите во 35 градови низ земјава.
Изминатиов период се отворија Ковид-центри на Клиниката за трауматологија и на Клиниката за пластична хирургија, нови оддели во Градската општа болница „8 Септември“, а целиот Институт за белодробни заболувања кај деца Козле стана Ковид-центар. Децата болни од ковид се префрлeни на Детската клиника.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 33 оздравени пациенти.
Во моментов во ковид центрите на Интерните и на Хируршките клиники се лекуваат 277 пациенти, во „8 Септември“ лежат 123, а на Клиниката за инфективни болести 117 пациенти, додека на Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 16 лица. На Клиниката за детски болести има 27 ковид пациенти и 10 се лекуваат на Гинекологија.
Во Ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 823 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 82, во болницата во Штип 65 пациенти, на инфективното одделение во Тетово има 35 пациенти, во Велес се лекуваат 74 болни, а во Куманово 124. Во Ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 94 пациенти, во Прилеп 117, во ковид центарот во Гостивар 35, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 62 пациенти, во Кочани 15 во Кичево 11, Кавадарци 65, а во Гевгелија 25 лица.
Б. НЕСТОРОСКА