Министерот за здравство Венко Филипче вели дека е изненаден од изјавата на претседателот Стево Пендаровски, кој по денешната седница на Советот за безбедност, ѝ се заблагодари на Србија за вакцинирањето на македонски граѓани изминатиот викенд, но рече дека тоа е срам на за нашата држава. Филипче рече дека немало конкретна поддршка од институцијата претседател во набавката на вакцини.
„Изненаден сум од изјавата на претседателот Пендаровски, сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза. Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја. Владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а вакцинацијата започнува веќе од утре. Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана“, изјави министерот Филипче попладнево.
Министерот денеска присуствуваше на седницата на Советот за безбедност, и претседателот рече дека Филипче го информирал оти од утре почнува масовната имунизација на македонското население, а Пендаровски му рекол дека масовната имунизација треба да трае без прекини до целосно вакцинирање на сите граѓани во земјата.
На денешната седница на Советот за безбедност било утврдено дека земјава поминува низ најкритичната фаза од пандемијата.
„Државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен во болница. Министерот Филипче ме увери дека такво нешто не се случило, ниту ќе се случи“, кажа Пендаровски и апелираше до приватните здравствени установи да се откажат од профитот да ги направат своите услуги достапни за инфицираните од коронавирус.
Министерството за здравство соопшти дека е пуштено закажувањето на термини преку системот Мој Термин за вакцинација на граѓани опфатени во првата фаза од Националната стратегија за вакцинација против ковид-19. Првично се пуштени 9.577 термини, а досега се закажани 5.976 термини за вакцинација на граѓани над 77 години. Вакцинацијата ќе се одвива на постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите низ државата. Пунктовите за вакцинација ќе се отворат утре во 8 часот, ќе работат до 20 часот секој ден од понеделник до петок.
Четири илјади вакцини од оваа пратка од почетокот на следната недела ќе се употребат за вакцинација на критичната државна инфраструктура во земјава и тоа вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР) кои се најизложени на ризик, а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот, вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП „Скопје“, пожарникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините.
Пендаровски кажа и дека на денешната седница на Советот за безбедност е договорено сите државни функционери да се пријават за вакцинација против ковид-19 на сајтот Вакцинација.мк на Министерството за здравство и да се вакцинираат кога ќе им дојде редот според категориите како што е распоредот за сите други граѓани. Тој рече дека ова е договорено за да се отстрани секаков сомнеж дека функционерите ќе ги злоупотребат своите позиции и ќе се вакцинираат преку ред.
Б. НЕСТОРОСКА