Од последици на ковид-19, вчера почина генерал-мајорот во пензија д-р Ристо Дамјановски, првиот министер за одбрана на самостојна Македонија, соопшти семејството. Имаше 84 години.
Дамјановски е роден во село Доленци, Демирхисарско. Беше првиот министер за одбрана и член на експертската влада по прогласувањето на независноста на Македонија, а основач е и декан на првата Воена академија „Генерал Михајло Апостолски“ во земјава.
Генералот Дамјановски завршил највисок степен на воено образование во Белград, Воена Академија во периодот од 1957 до 1960, се надоградил со Политичката школа на ЈНА (Сараево, 1970) и Висока военополитичка академија (Белград, 1978), а докторирал на универзитетот во Скопје и станал прв доктор на воено-историски науки на тема „Воените аспекти на македонското националноослободително движење (1893-1903 година)“ на Филозофскиот факултет во Скопје во 1988.
Во биографијата се вели и дека Дамјановски напредувал од поручник до генерал и од учител до универзитетски професор. Во својата богата војничка кариера извршувал највисоки логистички, наставни, политичко-партиски и општествени функции. Бил член на Извршниот совет и Републичкиот секретаријат за општонародна одбрана. Учествувал на поголем број научни симпозиуми и има објавено преку педесеттина трудови. Добитник е на бројни награди, меѓу кои и на „4 Ноември“ награда за едногодишна работа (1974) и наградата „Гоце Делчев“ за највисоки дострели во науката (1991).
„Генерал Дамјановски беше сакан родител и дедо, омилен меѓу роднините, пријателите и неговите војници. Неговиот ведар дух и разговорливост давале печат при градење на меѓучовечките односи за кои секогаш бил виртуоз. Ќе недостасува неговата добрина и мудрост со која ги пребродуваше сите животни тешкотии“, вели неговото семејство.