БИДЕТЕ СПОКОЈНИ, МОЖНИТЕ КОМПЛИКАЦИИ ОД „АСТРАЗЕНЕКА“ СЕ ИСКЛУЧИТЕЛНО РЕТКИ И ВО ГОЛЕМА МЕРА СОВЛАДЛИВИ, ВЕЛИ ХЕМАТОЛОГОТ Д-Р ПАНОВСКА-СТАВРИДИС

    БИДЕТЕ СПОКОЈНИ, МОЖНИТЕ КОМПЛИКАЦИИ ОД „АСТРАЗЕНЕКА“ СЕ ИСКЛУЧИТЕЛНО РЕТКИ И ВО ГОЛЕМА МЕРА СОВЛАДЛИВИ, ВЕЛИ ХЕМАТОЛОГОТ Д-Р ПАНОВСКА-СТАВРИДИС„Придобивките од вакцинацијата за ковид-19 се неспоредливо поголеми од ризикот од евентуалните негативни ефекти“, д-р Ирина Пановска-Ставридис. (Фото: СДК.МК)

    Специјалистот хематолог д-р Ирина Пановска-Ставридис апелира до граѓаните да бидат спокојни во врска со имунизацијата против ковид-19, бидејќи несаканиот ефект на тромботична реакција по примена вакцина на „АстраЗенека“ е екстремно редок и во голема мера совладлив.

    Д-р Пановска-Ставридис е директорка на Универзитетската Клиника за хематологија, каде се лекува 28-годишна девојка која, како што кажа завчера министерот за здравство Венко Филипче, добила тромботична реакција откако на 21 март се вакцинирала во Србија.

    Клиниката вчера во Агенцијата за лекови МАЛМЕД официјално пријави можен несакан ефект од вакцината за ковид-19 од „АстраЗенека“ дијагностициран кај пациентка, родена 1992 година.

    Пациентката е примена на Клиниката на 30 март со симптоми на тромбоза на очната вена, високи дe-димери и екстремно ниски вредности на тромбоцити. Состојбата, вели д-р Пановска-Ставридис одговара на новоопишаниот синдром на тромбози предизвикани од имунолошки оштететени тромбоцити, чии вредности дополнително се ниски, а можно е да се јавува како последица на имунизација со вакцината за ковид-19 на „АстраЗенека“.

    Оваа состојба е екстремно ретка и е опишана со инциденца на јавување од 1 на 125.000 до 1 на 1.000.000 вакцинирани индивудии.

    „Кај пациентката е спроведена препорачаната дијагностика и таа прима адекватна терапија, согласно со најновите светски стандарди за третман на оваа состојба. Во моментов е стабилна и невролошката симптоматологија е скоро комплетно повлечена“, вели д-р Пановска-Ставридис за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Според неа, не постои тест со кој може да се предвиди појавата на оваа состојба, ниту лек кој може да спречи.

    „Најважно е да запаметиме дека придобивките од вакцинацијата за ковид-19 се неспоредливо поголеми од ризикот од евентуалните негативни ефекти. Одлуката за паузирање на имунизацијата со оваа вакцина кај лица помлади од 60 години во нашата земја е соодветна мерка со цел дополнителна заштита на здравјето до дефинитивната одлука на Европската агенција за лекови (ЕМА) околу овој став“, вели д-р Ставридис – Пановска.

    Комитетот за проценка на ризик од фармаковигиланца (ПРАЦ) на ЕМА, поради евидентирање на зголемен број на вакви случаи во дел од европските земји, внимателно ги евалуира сите пријавени случаии. До сега не се идентификувани никакви специфични фактори на ризик, како што се возраст, пол или претходна медицинска историја за нарушувања на коагулацијата, како причина за појава на овие многу ретки настани.

    „Каузална врска со вакцината не е докажана, но е можна и понатамошната анализа продолжува. Дефинитивниот став на ЕМА ќе биде произнесен следната недела“, вели д-р Пановска-Ставридис, откако здравствени власти кај нас одлучија оваа вакцина да ја примаат само лица над 60 години, следејќи ги примерите на Канада и Германија.

    Таа препорачува консултација со матичен лекар ако во период помеѓу 4 и 21 ден од примање на ковид-19 вакцина „АстраЗенека“ се појават симптоми како губиток на здив, болка во гради или стомак, оток или студенило на ногата, силна или невообичаена главоболка или заматен вид.

     

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира