ЗА МЕРКИТЕ ЗА ПРЕСТОЈНИТЕ ВЕРСКИ ПРАЗНИЦИ ДОПРВА ЌЕ РАЗГОВАРАМЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ЗА МЕРКИТЕ ЗА ПРЕСТОЈНИТЕ ВЕРСКИ ПРАЗНИЦИ ДОПРВА ЌЕ РАЗГОВАРАМЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕФилипче ја посети и Модуларната болница во Битола, која уште не е пуштена, но рече дека во секој момент може да прими пациенти. (Фото: СДК.МК)

    За престојните верски празници, допрва ќе се разговара и ќе се види дали Комисијата за заразни болести ќе препорача нови мерки за заштита од ковид-19, рече министерот за здравство Венко Филипче при денешната посета на Клиничката болница во Битола. Тој потсети дека за време на минатогодишните празници имаше построги мерки, „а сепак се појавија нови и нови пациенти, суштината е во почитувањето на веќе важечките мерки“.

    „Ние имаме балансирани мерки, а споредувавме резултати од некои земји кои имаа построги мерки, но и покрај тоа се соочија со силен бран, на пример во земји од Средна Европа иако не работеа ни реасторани, ни продавници, огромен број на пациенти имаше што значи вирусот не ги поштедува ни тие земји понатаму. Оние земји кои воведоа полициски часови и карантини поостроги од нашите откако се појави бранот, повторно не дадоа резултати. А таму има препораки, доколку се почитуваат нема да има проблем. Овие балансирани мерки се една умерена рестрикција , комбинирани со индивидуалната одговорност“, рече Филипче.

    Во однос на македонските граѓани кои се вакцинираа со „АстраЗенека“ во Србија, а се помлади од 60 години, за кои се препорачува втората доза да биде од друга вакцина, рече дека ќе може да ја примат во Македонија.

    „Сите кои се вакцинираа во Србија, со втората доза ќе се вакцинираат во нашата земја  очекувам од српските власти да ги пратат списоците електронски. Во делот на стручното мислење за ‘АстраЗенека’ ќе го чекам официјалниот став на Европската агнеција за лекови кој што треба да произлезе од состанокот на Бордот закажан за следната недела“, рече Филипче.

    Тој ја посети и Модуларната болница во Битола, која уште не е пуштена во функција, но рече дека во секој момент може да прими пациенти. Системот на модуларни болници опфаќа 19 објекти во 16 општини, од кои во Битола три објекти, што го прави битолското Ковид одделение најголемо во државата.

    „Располагаме со сто кревети во модуларниот центар и до сите има централен довод на кислород, располагаме со соодветна терапија, немаме застој во добавувањата, ги имаме сите возможни лекарства што се за третман , дури и најновите што се даваат во клиниките во Скопје. Се надевам дека граѓаните ќе ги почитуваат мерките за да би дошле до ситуација дополнително да ги отвораме како капацитети, зашто во моментот располагаме со два пункта и имаме некаде 30 кревети слободни“, рече директорката на Клиничката болница Билјана Гагачовска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира