СЕ УНИШТУВА ЗДРАВО ЗЕЛЕНИЛО, РЕАГИРААТ ОД ШУМАРСКИОТ ФАКУЛТЕТ ЗА АКЦИЈАТА НА „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ ВО АВТОКОМАНДА И ПРЕД МРТВ

    СЕ УНИШТУВА ЗДРАВО ЗЕЛЕНИЛО, РЕАГИРААТ ОД ШУМАРСКИОТ ФАКУЛТЕТ ЗА АКЦИЈАТА НА „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ ВО АВТОКОМАНДА И ПРЕД МРТВЈП „Паркови и зеленило“ го отстранува зеленилото и грмушките засадени во средишните жардинери на булеварот кај судовите и на влезот во Скопје во населбата Автокоманда. (Фото: СДК.МК)

    Се сече и се отстранува здраво зеленило од булеварите Александар Македонски и Гоце Делчев, реагираат од Шумарскиот факултет во Скопје и го повикуваат Град Скопје да го спречи уништувањето на веќе оформен зелен појас. Од понеделникот, екипи од ЈП „Паркови и зеленило“ го отстрануваат зеленилото и грмушките засадени во средишните жардинери на булеварот кај судовите и на влезот во Скопје во населбата Автокоманда. На негово место, како што објаснуваат од таму, ќе се засадат нови квалитетни дрвја, како што се садеа изминативе години.

    „Три години по ред секоја година се распишува тендер за набавка на зеленило со кое го зазеленуваме градот. Утре е електронската аукција за тендерот за оваа година. Како и минатите години и оваа во буџетот се предвидени за оваа намена 37 милиони денари (околу 600 илјади евра) за ново зеленило во Скопје. Тендерот не го добива една фирма туку неколку, бидејќи е поделен на делови за различен вид садници и зеленило“, вели директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Адријан Муча.

    Професор Кирил Сотировски, декан на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), тврди дека бројот на исушени садници во рамките на жардинериското зеленило кое во изминатите денови се откорна на булеварот Александар  Македонски  беше минорен.

    „Нема потреба од уништување на веќе етаблирано зеленило за да се заменат само неколку суви садници. Слична е состојбата со денешната акција на замена околу раскрсницата во близина на влезот кон кампусот на УКИМ и зградата на МРТВ. На прсти се бројат исушените садници на двата потега“, вели Сотировски, кој е фитопатолог од Катедрата за заштита на шумите и дрвото.

    Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека се отстранува зеленило кое е суво и дотраено, со цел да се засадат нови дрвца и садници, многу поквалитетни кои ќе му дадат нов лик на влезот на Скопје.

    „Ништо што е здраво не се отстранува, само тоа што е веќе исушено или болно. Нашите инженери кои потекнуваат од Шумарскиот факултет извршија увид и потпишаа записник во кој се наведува дека дел од нив се исушени. Можеби однадвор се зелени, но внатре во коронот се суви. Нашата цел е да подигнуваме нови квалитетни зелени површини и тоа во изминатите три години го правиме на сите локации низ градот. Не само што допринесуваме за намалување на загадувањето, туку даваме и еден нов лик на градот со дрвја кои се висококвалитени со веќе развиени крошни и декоративни и украси садници. Влезот на Скопје беше реконстируран лани и сега ќе добие ново зеленило. Исто е и со булеварот Гоце Делчев. Лани, комплетно ја уредивме жардинерата од мостот ‘Гоце Делчев’ до крстосницата кај ТЦ ‘Мавровка‘. Сега продолжуваме на останатиот потег со истиот квалитет“, вели Муча.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира