ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ФАЛСИФИКАТОРИТЕ ОД МВР НА НАД 200 МАКЕДОНСКИ ПАСОШИ СО УКРАДЕН ИДЕНТИТЕТ ОД НАШИНЦИ ОД ДИЈАСПОРАТА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ФАЛСИФИКАТОРИТЕ ОД МВР НА НАД 200 МАКЕДОНСКИ ПАСОШИ СО УКРАДЕН ИДЕНТИТЕТ ОД НАШИНЦИ ОД ДИЈАСПОРАТАВо посебна истрага ќе се бара кој ѝ ги дал на ВМРО-ДПМНЕ една година собираните податоци за лажните пасоши во службата на МВР во зградата на МРТВ, непосредно пред апсењето. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе две кривични пријави – едната од Единицата за финансиски криминал при Одделот организиран криминал и втората од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди. Со пријавите се опфатени вкупно 11 лица за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

    Постапката што ја отвори денеска Јавното обвинителство се однесува на незаконско издавање на патни исправи од надлежни организациони единици за издавање на овие документи. Десетмина од осомничените се вработени во МВР во службите за издавање на пасоши, додека едно лице, како поттикнувач, посредувало при незаконското издавање на документите. Со двете поднесени кривични пријави опфатени се вкпуно 219 незаконски издадени пасоши, со слика на едни лица, со идентитет на други, без нивно знаење.

    „Првата кривична пријава се однесува на 215 незаконски издадени патни исправи, при што осомничените им овозможиле на странски државјани да се стекнат со патна исправа на Република Северна Македонија под туѓ, македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое му била издадена патната исправа. Притоа се користел идентитет на лица кои живеат во дијаспората“, вели Јавното обвинителство.

    Со втората пријава се опфатени 4 незаконски издадени пасоши при што искористени биле повеќе матични броеви издадени на 1 лице, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со цел да се креира нов идентитет, кој потоа со фотографија од лицето кое бара пасош бил употребен за да се издадат нови незаконски патни исправи.

    Постапувајќи по двете кривични пријави, Обвинителството до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор против осум лица, од кои едно е недостапно на органите на прогонот, додека против две лица е поднесен предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавуваат кај определно службено лице, привремено одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело.

    Еден од осомничените веќе се наоѓа во притвор по претходен предмет за незаконско издавање возачки дозволи.

    „Во текот на постапката обвинителството ќе ги утврди сите решавачки факти околу незаконското издавање на патни исправи. Поради обемноста на доказниот материјал и потребата од меѓународна соработка на МВР за прибирање на доказите во овој предмет, беше потребен период подолг од една година. Обвинителството во целост ќе ги истражи информациите за доспевање на податоци од постапката во јавноста во завршната фаза од обезбедувањето на доказите, односно непосредно пред поднесување на кривичните пријави. За таа цел надлежниот јавен обвинител од МВР ќе побара материјални докази дали и кои лица тие податоци ги направиле достапни на јавноста, а воедно ќе обезбеди и вербални докази во рамките на своите законски овластувања“, најавува обвинителството уште една, дополнителна истрага за овој случај работен и документиран една година.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера кажа дека прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема кои се одржаа вчера и завчера биле обид за саботажа на акцијата, но за среќа, безуспешен.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира