Охридската болница e преполна со ковид-позитивни пациенти. Мометално има 110 хоспитализирани, меѓу нив голем број млади од 30 до 40-годишна возраст. На Нервното одделение, кое последно беше пренаменето во ковид-центар, има уште 10 слободни болнички кревети.
„70 од хоспитализираните се на кислородна пoддршка, а двајца на неинвазивна терапија (ЦПАП). Огромна е потрошувачката на кислород, дневно се трошат 166 кислородни боци од по 40 литари наполнети на 150 бари“, вели директорот д-р Горан Балески.
Клиничката слика на болните ги загрiжува лекарите. За брзо време се развива тешка пневмонија. Вирусот е непредвидлив i за неколку часа се менува состојбата кај пациентите, вели д-р Светлана Попоска-Алексијевска, специјалист-инфектолог, раководителкa на Инфективното одделeние во Охрид.
„Ваква лоша клиничка слика не сме виделе. Имам долгогодишен, децениски стаж, последнитe години работевме и со болни со САРС, вакво нешто не сме виделе. Толку лоша клиничка слика, битка за здив, за трошка кислород. Градна болка, тешко дишење, повеќето болни се на кислород, застрашувачки е. Од момент во момент се влошува состојбата“, вели д-р Попоска-Алексијевска и додава дека најстрашно од сè е тоа што во овој бран има помлади лица со тешка клиничка слика.
„Многу непредвидливо, здрави луѓе завршуваат фатално. Како да не реагираат на терапијата што им ја даваме. Ковидот е вирусна инфекција која доведува до еден вид на алергиска реакција наречена ‘цитокинска бура’, тоа е синџир на симптоми и тешко може да се контролира. Потешко се излекуваат пациентите“, појаснува д-р Попоска-Алексијевска.
Директорот д-р Балески вели дека има сè помалку болнички кревети. Апелира граѓаните да бидат совесни и да ги почитуваат мерките за заштита, посебно младите да не се групираат и да носат маски.
Д-р Ирена Ѓонеска-Пантек, специјалист-радиолог во Специјализираната болница за нефрологија – Струга, вели застрашувачка е сликата која се развива на бронхопневмонија за неколку часови.
Според неа прогресијата е многу брза, зависи и од самиот организам но и од вирулентноста на вирусот. Може за само неколку часови да имаме драстично променети слики на белите дробови, објаснува д-р Ѓонеска-Пентек, и додава дека има случаи каде и без воспаление на белите дробови за ден-два може да се развие воспаление на двете белодробни крила. Токму затоа, вели таа, потребно е брзо дијагностицирање и брз третман бидејќи и неколку часа се многу битни.
„Зголемен е бројот на дијагностицирање на воспалителни процеси, особено на белите дробови. Ние работиме класична радиологија и во овој период имаме зголемен број на пациенти. Се примааат сите пациенти, се трудиме навремено да ги дијагностицираме, да ги третираме, тоа е навистина битно бидејќи самиот воспалителен процес дава брза прогресија. Потребни се понекогаш и чести контроли. Работиме напорно за да дадеме наш максимум за пациентите да ја добијат потребната здравствена заштита“, вели д-р Ѓонеска-Пантек.
Со новиот бран на коронавирусот, според неа, сè поголем е бројот на помлади лица кои доаѓаат на струшката дијализа за да направат испитувања.
„Голем е бројот на воспалителни процеси на белите дробови кај помлади лица од 30 до 40 години. Се забележува дека тоа е позачестено, особено последниов месец, но не е исклучена и тековната проблематика кај повозрасните лица“, вели таа.
Во Специјализираната болница за нефрологија – Струга дневно се прават и до 30 радиографии на бели дробови и срце. Најмладиот пациент со воспаление на белите дробови минатата година имал 25 години.
Според д-р Арсим Далипи. специјалист-уролог, раководител на Одделот за васкуларни пристапи во струшка нефрологија, наглото покачување на вредностите на д-димери е нешто што на почетокот на пандемијата не се случувало.
„Се случува пациентот да нема тешка клиничка слика, но лабараториските наоди да покажат покачени вредности и тоа е аларм дека треба брзо да се реагира бидејќи најчесто доаѓа до акутни компликации, за жал некогаш и со смртен исход“, вели д-р Далипи.
Д-р Боро Пешиноски, кардиолог од Здравствен дом Вевчани, вели вирусот е чудовиште, не бира ниту возраст ниту пол.
„Млади луѓе имаме по триесеттина години кои што се добри и преќу ноќ им се влошува состојбата завршуваат во Струга па Скопје. Имавме двајца млади од регионот кои се борат на Инфективната клиника во Скопје, во тешка здравствена состојба. Даваме максимум, се вложуваме, помагаме со терапија но некогаш нема никаков ефект. Згаснуваат животи. Сè уште нема каузална терапија. Излезот е единствено во вакцинацијата, само тоа ќе биде спасот и мора да се забрза тој процес во земјава“, вели д-р Пешиноски.
Според вчерашните податоци, во Охрид новозаболени беа 54 лица и две починати, додека во Струга се регистрирани 22 нови случаи на ковид-позитивни.
С. ВРЕНЦОВСКА