Зградата на Централната пошта во Скопје е на листата 7 најзагрозени споменици во Европа за 2021. Листата, што ја составува европската организација Европа Ностра и Европската инвестициска банка (ЕИБ), е објавена денеска, а покрај нашата Пошта на неа се уште 6 споменици и локалитети на културно наследство во Австрија, Хрватска, Грција, Италија, Косово и Шпанија. Секој од загрозените спомениците на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе кон зачувување.
И Поштата, која за влез на листата беше номинирана од скопскиот Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергија (ИЕГЕ), како и другите шест загорезени споменци ќе добијат експертска помош од Европа Ностра и ЕИБ како и совети за мобилизација и на меѓународна помош и за идни активности.
Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Шалтер салата, за која претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) проф. д-р Мишко Ралев вели дека е врв на творештвото на Константинов, е изградена во 1974. Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.
Исклучително моќната структура е изработена од армиран бетон, во форма на цвет на лотос и објектот може стилски да се опише како бруталистички, и е еден од најсилните обележја на модернизмот во светски рамки. Изграден е да служи како административна шалтерска сала за Телекомуникацискиот и Поштенски центар на Македонија. Неговата форма беше наменета да го симболизира подигнувањето и реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес што целосно го разурна во 1963.
Благица Стојчевска, раководителка на Самостојна служба за градежништво и инвестиции во АД Пошта на Северна Македонија, вели дека во последните година-две интензивно работат на валоризација на опожарениот објект Шалтер сала на Централната пошта во Скопје, негова категоризација како заштитено културно наследство на државата и создавање и изноѓање на можности за негово обновување и повторно заживување.
„Целта е објектот да ја добие вредноста која ја заслужува, повторно да блесне во сиот свој сјај и конечно да биде вратен во функција на граѓаните и идните генерации“, рече Стојчевска минатиот месец за САКАМДАКАЖАМ.МК.