СИТЕ 6 УАПСЕНИ СО 200 КИЛА МАРИХУАНА И МИЛИОН ЕВРА ОТИДОА ВО ПРИТВОР, ОДЛУЧИ КРИВИЧНИОТ СУД

    СИТЕ 6 УАПСЕНИ СО 200 КИЛА МАРИХУАНА И МИЛИОН ЕВРА ОТИДОА ВО ПРИТВОР, ОДЛУЧИ КРИВИЧНИОТ СУДНа сите им е одредена мерка притвор од по 30 дена поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и уништување докази: - Од запленеата марихуана и оружје (Фото: МВР)

    Судија на претходна постапка им одреди притвор на сите шест уапсени лица во големата акција на МВР и Американската агенција за борба против наркотици -ДЕА. Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Шестемина вчера беа донесени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје. На сите им е одредена мерка притвор од по 30 дена поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и уништување докази. Во акцијата беа запленети 200 кила марихуана вредна 800.000 евра.

    Меѓу притворените се и осомничените организатори на групата Д. Ј. од Струмица и А. У. од Скопје, кој е возач и обезбедување на Трајче Заев, роднина на премиерот Зоран Заев, a кој бил пријател со командирот на Полициска станица Прилеп Кире Спиркоски од времето кога биле во специјалната единица на АРМ „Волци“. За акцијата знаеле мал круг луѓе, тврдат извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во МВР.

    Трајче Заев, кој е сопственик на фирми за производство на медицински канабис, денеска со објава на Фејсбук демантира дека негов вработен е уапсен во акцијата и дека запленетото комбе со кое се транспортирала марихуаната има врска со неговите компании, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ два дена бараше Владата тоа да го потврди или демантира.

    „Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23 март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка“, напиша Трајче Заев на Фејсбук.

    Д. Ј. и А. У. со месеци биле следени под сомнение дека се организатори на трговија со марихуана од плантажи регистрирани за производство на ова растение исклучиво за медицински потреби.

    Во притвор е целата организирана криминална група: Д. Ј. (35) од Струмица, А. У. (45) од Скопје, М. З. (29) од Куманово, М. С. (36) од Битола, К. С. (46) од Прилеп, Г. К. (25) од Скопје, поради постоење основи на сомневање дека го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира