СРЕДНОШКОЛЦИТЕ СО СМС И ВИБЕР ПОРАКИ ПО ПОЛНОЌ СЕ ПОВИКУВАА ДЕНЕСКА ДА ЈА БОЈКОТИРААТ НАСТАВАТА

    СРЕДНОШКОЛЦИТЕ СО СМС И ВИБЕР ПОРАКИ ПО ПОЛНОЌ СЕ ПОВИКУВАА ДЕНЕСКА ДА ЈА БОЈКОТИРААТ НАСТАВАТАПораките до учениците стасале откако Владата соопшти дека го пушта Законот за учебници во собраниска постапка со европско знаменце. (Фото: Принтскрин од порака)

    Учениците од средните училишта низ Скопје, ноќеска после полноќ добиле групни пораки на мобилните телефони со кои се повикуваат да ја бојкотираат денешната настава, оти не се согласувале со Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование кој го усвои Владата вчера и ќе оди во Собранието.

    СМС и вибер пораките ги добивале учениците координирано околу 1 час по полноќ во скопските гимназии „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Орце Николов“ и „Јосип Броз – Тито“, велат родители кои ја контактираа нашата редакција утринава. Учениците велат дека претседателите на класовите ги известиле дека се координираат со советот на ученици во сите гимназии. Тие масовно си ги препраќале пораките во кои се храбреле денеска да не одат на настава.

    Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при посетата на село Чифлик во општина Илинден за предлозите за законот изјави дека „како редовен професор кај кого поминале илјадници студенти, можам да кажам дека е една огромна глупост и уназадување на образованието“.

    Како што објави порталот Курир, Мицкоски најави дека „ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи тој закон да помине, иако сега власта сака законот да го врати, па да проба да го протне со европско знаменце. Доколку се обидат на таков подмолен начин, тогаш од ВМРО-ДПМНЕ ќе следи сериозна блокада на Собранието, со цел спасување на образованието и на генерациите кои следат, а над 25 илјади дечиња ќе останат без можност за образование“.

    Владата синоќа го усвои Законот за учебници кој, според соопштението, е изготвен согласно стратешките документи и препораки донесени од Европската комисија.

    „При изготвување на новото законско решение беа земени предвид стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската Комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата во чиј фокус се развојот на дигиталните вештини на учениците, креирањето и употребата на дигитални наставни материјали, развојот на едукативни платформи, развојот на дигиталните вештини на наставниците и трансформацијата на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес“, велат од Владата.

    Иницијалната порака што почнала да се шири по објавувањето на соопштението од Владата дека законот влегува во собраниска процедура (Принтскрин)

    Министерката за образование Мила Царовска на 26 април објасни дека воведувањето дигитални учебници е дел од образовната реформа и ќе се воведува етапно. За учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос на детето кон книгата. За учениците од четврто и погорните одделенија, прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ-технологија и на електронски алатки.

    Таа кажа дека лектирите секако остануваат во печатена форма, а секојдневно на училиште децата ќе учат и пишуваат од печатени наставни материјали и воопшто нема да изгубат контакт со книгите. Овој комбиниран пристап практично ќе им овозможи на децата да имаат достапни материјали во дигитален формат како и да ги користат секаде и во секое време. Оваа модернизација на образованието воопшто не значи укинување на книгите, децата ќе развијат однос со книгата во пониските одделенија, преку лектирите и на училиште.

    Царовска рече дека за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник.

    Претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи, на вчерашната прес-конференција во врска со дигитализација на образованието и воведување дигитални учебници кажа дека тие не се против дигитализацијата, но „тоа е тежок процес за нашата земја што го увидовме во текот на пандемијата за време на онлајн наставата“.

    „Сојузот смета дека чекорот кон дигитално образование е во добар правец, но сепак, дигиталното не смее да биде единствено решение“, рече Хоади и додаде дека Сојузот нема да дозволи дискриминација врз учениците со оглед дека голем од нив немаат пристап до дигитална опрема.
    Тој побара Сојузот на средношколци да биде консултиран за сите одлуки во врска со образованието, но не повика на протест ниту на бојкот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира