СРЕДНОШКОЛЦИТЕ СЕ ИЗМАНИПУЛИРАНИ, ОВА Е ЛАЖЕН БОЈКОТ НА НАСТАВАТА, ВЕЛИ ХОДАИ ОД СОЈУЗОТ НА СРЕДНОШКОЛЦИ

    СРЕДНОШКОЛЦИТЕ СЕ ИЗМАНИПУЛИРАНИ, ОВА Е ЛАЖЕН БОЈКОТ НА НАСТАВАТА, ВЕЛИ ХОДАИ ОД СОЈУЗОТ НА СРЕДНОШКОЛЦИСојузот никогаш не организирал ниту пак повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците; - Претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи. (Фото: МИА)

    Претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи вели дека тие немаат одлука за  бојкот, и дека сѐ уште не знае кој ги организира средношколците денес да не се вклучат во наставата. Учениците од средните училишта низ Скопје, ноќеска после полноќ добиле групни пораки на мобилните телефони со кои се повикуваат да ја бојкотираат денешната настава, оти не се согласувале со Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование кој го усвои Владата вчера и ќе оди во Собранието.

    „Ние денеска од медиумите и средношколците од Скопје и Штип сме информирани за бојкотот. Ние немаме одлука за ваков бојкот, сѐ уште не знаеме кој ги организира“, изјави Ходаи за САКАМДКАЖАМ.МК.

    Сојузот претпладнево на нивната Фејсбук страна објави, како што вели „Реакција по лажниот бојкот на ‘средношколците’ “, во која појаснуваат дека „ средношколците не организираат никаков бојкот, туку тоа се одредени групи кои манипулираат со јавноста. Сојузот никогаш не организирал ниту пак повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците“. Сојузот вели дека мора да потенцираат оти нема потреба од бојкот.

    „Дигитализацијата на учебниците се однесува само на четврто одделение, според нашите информации. Само учебниците за четврто одделение ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека отпочне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование. Наш став е дека секој ученик треба да го има правото да избере од каков учебник сака да учи. Но, ваквите повици за бојкот ги манипулираат и им штетат на средношколците. Многу ученици денес беа изманипулирани од страна на ваквите групи без да знаат за што точно се бојкотира или кој го организира тоа, затоа ги повикуваме образовните власти да ги оправдаат изостаноците. Ученици, овој бојкот е лажен и беспредметен“, велат од Сојузот.

    Пораките до учениците стасале откако Владата соопшти дека го пушта Законот за учебници во собраниска постапка со европско знаменце. (Фото: Принтскрин од порака)

    Во дел од скопските гимназии наставата по неколку часа бојкот продолжи. Директорите им рекле на учениците дека се уште нема официјална страна која ќе им објасни зошто бојкотираат и кои се барањата. Кога класните ги соочиле учениците со овие прашања, тие не знаеле да одговорат кој стои зад повиците за бојкот на наставата и дека разбрале од социјалните мрежи. Директорите ги известиле дека со оглед што бојкотот е почнат без претходна најава, немаат друг избор освен да стават неоправдани изостаноци за невклучување на настава.

    Иницијалната порака што почнала да се шири по објавувањето на соопштението од Владата дека законот влегува во собраниска процедура (Принтскрин)

    На социјалните мрежи се шири повик до јавноста од фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“, со 69 илјади членови, за денес од 10 до 14 часот пред Министерството за образование и наука (МОН), граѓаните да „најдат време и да го дадат својот потпис за поддршка на барањата на групата граѓани“.

    Тие бараат стопирање на постапката за донесување на Законот, организирање на јавна расправа и дебата за измените во Законот, директно и непосредно учество на стручни лица и претставници на групата на граѓани во ревизија и интервенции во Законот.

    Нивниот став меѓудругото е дека „Законот не е во интерес на интерес на физичкото и менталното здравје на нашите деца развој на нивниот потенцијал, а непосредно ќе се одрази и на здравјето на родителите, наставниците и останатите инволвирани во образовниот процес“. Групата најавува дека ако не бидат соодветно прифатени и разбрани, следни чекори се протести против Законот и барање за оставка на министерката за образование и наука Мила Царовска.

    Министерството за образование и наука апелираше до учениците и до нивните семејства, да продолжат да учествуваат во воспитно-образовниот процес, кој треба да биде нивна единствена грижа и интерес.

    „Во спротивно, отсуството од часови и настава значи загубено време и знаење кое понатаму тешко се надоместува. Бојкотот на наставата значи отпор кон промените кои се креирани согласно времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат“, стои меѓудругото во реакцијата од МОН.

    СМС и вибер пораките ги добивале учениците координирано ноќеска околу 1 час по полноќ во скопските гимназии „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Орце Николов“ и „Јосип Броз – Тито“, велат родители кои ја контактираа нашата редакција утринава. Учениците велат дека претседателите на класовите ги известиле дека се координираат со советот на ученици во сите гимназии. Тие масовно си ги препраќале пораките во кои се храбреле денеска да не одат на настава.

    Интернет порталот „Струмицаденес“ вчера објави писмо испратено од група средношколци од Струмица во кое стои: „Струмичките средношколци од денес почнуваат со бојкот. Наредните работни денови нема да бидат присутни на онлајн предавањата. Главната причина е воведувањето на е-учебници од септември. Како што велат, тие сакат новата учебна година да ја започнат во училишните клупи и бараат надлежните да преземаат некои мерки. Тие се поддржани од страна на нивните родители и професори, а бојкот веќе има и во други градови во државата. Средношколците се надеваат дека ќе бидат поддржани и од другите средни училишта во земјава, со цел сè да се врати во нормала“.

    Владата синоќа го усвои Предлог-законот за учебници кој, според соопштението, е изготвен согласно стратешките документи и препораки донесени од Европската комисија. Законот ќе оди на усвојување во Собранието.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира