ДЕТЕТО Е БОЛНО, ДВАПАТИ ЈА ЗАПАЛИ КУЌАТА, А НЕ ГО ПРИМААТ В БОЛНИЦА, ВЕЛИ СЕМЕЈСТВО КОЕ ГЛАДУВА ОД СТРУШКО МИСЛЕШЕВО

ДЕТЕТО Е БОЛНО, ДВАПАТИ ЈА ЗАПАЛИ КУЌАТА, А НЕ ГО ПРИМААТ В БОЛНИЦА, ВЕЛИ СЕМЕЈСТВО КОЕ ГЛАДУВА ОД СТРУШКО МИСЛЕШЕВОИлче Рајчиноски и ќерката Дукадинка која е во опасност да го загуби пресадениот бубрег од мајка си оти немаат пари за лекови, прегледи и посебна исхрана. (Фото: СДК.МК)

Велигденската празнична трпеза во домот на петчленото семејството Рајчиноски во струшко Мислешево и овојпат е скромна. Илче едвај ги издржува трите деца и сопругата со платата од 16.000 денари. Но домаќинката вели, празниците си ги славиме, а на трпезата има колку што дал господ. Но сиромаштијата не е единствениот кошмар кој со години го преживува ова семејство кое е под радарот на социјалните служби и на институциите. Две деца се болни, едното не го ни примаат в болница, а за другото лекувањето е прескапо.

Илче и неговата сопруга секојдневно се соочуваат со здравствените проблеми на најмалиот син кој поради, како што велат, психички пореметувања често е агресивен, а на двапати го запалил и нивниот дом. Родителите бараат институциите итно да преземат нешто, оти стравуваат дека синот ќе ги запали на спиење.

„Куќата ја запали повторнo. За среќа брзо го изгаснавме пожарот, беше фатен само креветот и дел од покуќнината. До сега двапати нè запали. Го носев детето на Психијатрија, но не ми го примаа. Лекарот ми кажа да му давам таблети, но не се смирува. Агресивен е често, ни помагаат роднини. Треба институциите да преземат нешто. Ние не можеме повеќе да се справиме“, вели Илче.

Малиот син ја запали куќата, но за среќа беше фатен само креветот и дел од покуќнината, вели Илче за детето кое не сакаат да го примат в болница. (Фото: СДК.МК)

И неговата ќерка Дукадинка е со пречки во развојот. Таа е хероината врз која е направена трансплантација на бубрег во 2011 и до ден денес живее без помош на апаратите за дијализа. Нè пречека насмеана и со топла прегратка, среќна зашто ѝ дошле гости во домот. Дукадинка има потреба од дополнителни лекарства и посебна исхрана за да не го изгуби бубрегот кој ѝ го донирала мајка ѝ. Трошоци има и за лекарските прегледи и анализи кои редовно треба да ги прави.

„Живееме од една плата, ги молам сите кои можат и сакаат да помогнат. Имам и кредит кој го зедов за да можам да ги подмирам трошоците за Дукадинка. Роднините ми помагаат колку можат, но навистина е многу тешко да се преживее. Често сме гладни, а сега за време на празници е многу тешко бидејќи се нема пари за да се постави трпеза за Велигден“, кажува низ солзи Илче.

За семејството Рајчиноски секое утре е борба за леб и надеж дека здравствените установи ќе го згрижат и лекуваат малиот малиот син, а хуманите луѓе ќе помогнат за да се покријат месечните трошоци за лекувањето на Дукадинка.

С. ВРЕНЦОВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира