ИНВЕСТИТОРИ НА НАЈГРУБ НАЧИН НИ СЕ ЗАКАНУВААТ СО ТУЖБИ АКО НЕ ИМ ДОЗВОЛИМЕ ДА ГРАДАТ КАЈ „ТРЕСКА“, СЕ ПОЖАЛИЈА БОГДАНОВИЌ И СОВЕТНИЦИТЕ 

    ИНВЕСТИТОРИ НА НАЈГРУБ НАЧИН НИ СЕ ЗАКАНУВААТ СО ТУЖБИ АКО НЕ ИМ ДОЗВОЛИМЕ ДА ГРАДАТ КАЈ „ТРЕСКА“, СЕ ПОЖАЛИЈА БОГДАНОВИЌ И СОВЕТНИЦИТЕ Тужба се најавува ако се суспендира планот и се распише конкур за уредување на просторот. (Фото: Општина Центар)

    Градоначалникот на Општина Центар и советниците во Советот добиле закана од инвеститорите и сопствениците на земјиште кај фабриката „Треска“, дека ќе поднесат кривична пријава ако не им се дозволи да градат. Од Општината денеска соопштија дека стигнал допис од адвокат кој ги претставува инвеститорите и сопствениците во кој, како што велат, на најгруб начин се упатуваат закани кон нив и се бара да се прекине постапката за распишување на конкурсот за овој простор и да не се ни помислува да се донесе суспензија на планот.

    „На најгруб можен начин беше упатена директна закана кон Советот и советниците на Општина Центар. Добиен е допис кој би требало да биде сфатен како крајна опомена пред поднесување кривична пријава до сите советници и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, доколку не се донесе Заклучок за прекин на работата на конкурсната Комисија и прекин на постапката за спроведување на конкурсно решение, како и да не се посегнува кон суспензија на постојните детални урбанистички планови“, велат од Општина Центар.

    Во дописот се вели дека ако не биде испочитувана волјата на подносителите, а со тоа Советот опстои на досегашниот став, подносителите преку полномошникот – адвокат, ќе поднесат кривични пријави за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело Несовесно постапување во службата.

    „Во целост сме згрозени од ваквото грубо мешање во работата на Советот и уверувањето на советниците при носење на одлуки на пленарна седница. Овој допис Советот, односно советниците, го сметаат за најгруб притисок врз работата на Советот на начин што преку отворена закана за поднесување неосновани кривични пријави, се врши диктат какви одлуки да отповикаат и какви да донесат на нивно место, само за да ја задоволат волјата на приватните инвеститори, а сето тоа на товар и на штета на оние кои што ги избрале“, велат од Општината.

    Конкурсот за уредување на просторот кај фабријата „Треска“ уште не објавен, а од Општината велат дека тоа е така бидејќи од Агенцијата за планирање на просторот не бил предложен претставник во Комисијата.

    „Агенцијата деновиве ни достави допис во кој без образложение наведува дека нема да делегира членови и заменик-член во состав на Комисијата за јавни набавки и во состав на жири комисијата за избор на идејно решение за локацијата на некогашната фабрика ‘Треска‘. Општината, откако Агенцијата за планирање на просторот одби да делегира членови, се обрати до Архитектонскиот факултет при Универзитетот Американ Колеџ, од каде доби позитивен одговор и двајца нови членови во комисиите за конкурсот“, велат од Општината.

    Во меѓувреме, откако веќе на сила не е мораториумот, до Општината се поднесени 4 проекти за изградба на згради во кругот на фабриката односно почната е постапката за издавање градежна дозвола за четири парцели.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира