На 25 мај во Велес ќе се отвори вакцинален пункт за масовна вакцинација против ковид-19, ќе биде во салата на средното училиште „Коле Неделковски“, кажа денеска градоначалникот Аце Коцевски. Досега, велешани се вакцинираа во пунктот за масовна вакцинација во Кавадарци, а повозрасните во Здравствениот дом Велес, каде досега се вакцинирани 1.400 граѓани.
„До 20 мај треба да се завршат подготовките и да се опреми пунктот, на 21 и 22 е пробната вакцинација. Со големо задоволство можам да кажам дека претставници на бизнис заедницата од градот одговорија позитивно и ќе се вклучат во опремувањето на вакциналниот пункт, некои со донирање средства и опрема, други со финансии. Тие ја покажаа својата општествена одговорност. Не е лесна работа да се опреми и работи, туку треба континуирано да работи“, кажа градоначалникот Коцевски.
Пунктот ќе има 15 кабини, со по четири доктори и осум сестри во една смена, а ќе работи двосменски. Во работата ќе се вклучат и волонтерите од општинскиот Црвен крст. Во салата во тек се со градежни активности, а во наредните денови треба да се набават компјутери и печатари и ќе се постави и агрегат. Во овој пункт ќе се вакцинираат граѓани освен од Велес и од соседните Општини Градско, Чашка, Лозово.
П. ПЕЧКОВ