Основниот кривичен суд Скопје го одби барањето на првостепено осудениот на 8 години затвор Сашо Мијалков во предметот „Трезор“ да му се укине мерката притвор и да му се определи гаранција. За пуштање од притвор на Мијалков позитивно мислење даде Обвинителството за организиран криминал и корупција, но судот не е должен да постапи по него.
„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција, по добиено позитивно мислење од надлежното обвинителство, за уважување на предлогот за укинување на мерката притвор со замена – гаранција, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива како неоснован. Советот, по проучување на списите во предметот, смета дека сè уште постојат причини поради кои била определена мерката притвор, имајќи ги предвид видот и карактерот на кривичните дела како и висината на изречената казна“, вели Судот.
Освен што Мијалков е осуден на 8 години а овој, осуден е првостепено и на 12 години затвор за случајот „Таргет – Тврдина“, а против него се водат и два други предмета за кои претходно беа определувани други мерки за обезбедување присуство токму по предлог на надлежното обвинителство, потсетува судот. Тоа се истрагите „Плацеви на Водно за Груевски“ и „Империја“.
„На постоење на опасноста од бегство, заради која мерката притвор беше предложена од обвинителот и прифатена од судот, упатува и фактот дека обвинетиот по определување на мерката куќен притвор во предметот „Таргет – Тврдина“, повеќе од 24 часа беше недостапен на органите на прогон, што води до заклучок дека по прифатена гаранција и укинување на мерката притвор, може повторно да биде недостапен на органите на прогон“, смета Судот.
Оттаму укажуваат на премислувањето на обвинителот во „Трезор“, кој еднаш не се согласува, вторпат се согласува обвинетиот да се пушти од притвор.
„По поднесениот предлог за укинување на мерката притвор со определување гаранција, јавниот обвинител на 18.05.2021 година даде мислење да се уважи предлогот. Претходно, пак, на 22.04.2021 година и на 04.05.2021 година, тој до судот има доставено мислења да се одбие предлогот за укинување на мерката притвор со предложената гаранција”, наведува Основниот кривичен суд Скопје.
Водејќи се по член 150 ст.3 од ЗКП согласно кој судот е тој што по слободна оценка одлучува дали ќе определи гаранција и кој ќе биде износот на истата, а во правец на претходните две негативни мислења на јавниот обвинител, Кривичниот совет не се согласува со проценктата на обвинителството дека висината на понудената гаранција претставува доволен основ за замена на мерката притвор со гаранција, истакнува Судот.
Ова решение не е правосилно, односно против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд во рок од 3 дена по приемот на решението.
С. К. ДЕЛЕВСКА