ОХРИД ЌЕ НУДИ ПОПУСТИ И БЕСПЛАТЕН ПАРКИНГ ЗА СРПСКИТЕ ТУРИСТИ ОТИ БЕСПЛАТНА ПАТАРИНА ЌЕ ИМА САМО ЗА ПАТ КОН ГРЦИЈА

    ОХРИД ЌЕ НУДИ ПОПУСТИ И БЕСПЛАТЕН ПАРКИНГ ЗА СРПСКИТЕ ТУРИСТИ ОТИ БЕСПЛАТНА ПАТАРИНА ЌЕ ИМА САМО ЗА ПАТ КОН ГРЦИЈАНа 4-те патарини од Скопје до Гостивар на патот кон Охрид нема електронски уреди за наплата на патарина, па затоа не може да функционираат картичките предвидени за бесплатна патарина за српските туристи. (Фото: СДК.МК)

    Владината мерка за спрските туристи да бидат ослободени од плаќање патарина за Грција, но не и за Охрид, предизвика незадоволство кај туристичките работници кои сметаат дека на тој начин наместо да се привлекуваат, гостите од Србија земјава ќе ја користат за транзит. А всушност, проблемот е што на 4-те патарини од Скопје до Гостивар на патот кон Охрид нема електронски уреди за наплата на патарина, па затоа не може да функционираат картичките предвидени за бесплатна патарина за српските туристи.

    Туристичките работници го поздравуваат ваквиот потег како благодарност кон Србија за имунизацијата на македонските граѓани, но велат дека со мерките кои Владата ги презема треба да се задржат српските туристи кај нас како едни од најпосакуваните гости на охридско-струшката ривиера.

    Крсте Блажески од ХОТАМ вели дека мерката за ослободување од патарина кон Грција е за поздравување, но не е во насока на привлекување гости бидејќи се изоставени Охрид и Струга.

    „Резултатите од една ваква мерка ќе дојдат покасно, откако ќе видиме колку српски гости ќе имаме оваа сезона и колку поминале на автопатот према Грција. Тогаш ќе се види како реално се наменила помошта. Зошто е тоа така не знам, имаше изјави дека на автопатот према Охрид нема техничка можност за тие картички да се читаат. Можеби имаше некоја друга можност како да поминиваат овие возила. Од друга страна ваквата мерка ќе предизвика револт и кај самите српски граѓани. Кај оние кои сакаат да дојдат тука ќе има незадоволство бидејќи ќе мора да плаќаат, вели Блажески.

    „Ваквата мерка е само за транзит за гостите од Србија. За домашниов угостителски сектор тоа значи – не доаѓајте кај нас, одете на друго место. Можеше многу лесно да се реши тоа со пропуштање на возилата со српски регистарски таблици на патарините. Не е спорна одлуката за кон Грција, напротив, ја поздравуваме како гест на благодарност, но требаше тоа да се направи со цел да останат кај нас. Не само во Охрид има многу убави места во државава каде српските гости би уживале“, вели Михаил Мишев, претседател на Угостителскиот еснаф.

    Српските гости се редовни и посакувани за угостителите кои гласно коментираат дека „со ваквата мерка наместо да ги мотивираме и привлечиме ние ги бркаме“.

    „Србите се едни од поквалитетните гости кај нас. Очекувавме мерките кои се преземаат пред почетокот на туристичката сезона за привлекување гости, посебно сега во време на пандемија кога ни е неопходна секаква помош, да бидат во насока на мотивирање, да привлечиме што поголем број а не да им дадеме мерка да не заобиколат“, вели угостителот Зоран Рилкоски.

    Од туристичките агенции велат дека нема значајно да се одрази врз бројот на гости, но според нив, постапката не е во ред.

    „Ако веќе се ослободуваат српските туристи од патарина, треба да важи и за кај нас, а не само за Грција“, велат тие.

    „Македонија и Охрид имаат корист само ако гостите дојдат тука, а не ако одат Грција. Српските гости ако користат само транзит кај нас и ако ги ослободиме од патарини, немаме никаква корист од нив. Доколку дојдат во Охрид и бидат ослободени од патарини ќе трошат тука, сместување, усостителски услуги, ќе остварат некој приход за градов, но и за државава“, вели Јаким Маленко од туристичката агенција „Виспој”.

    Според него, со години се прават напори да се донесат гости од Србија бидејќи тие се добри потрошувачи.

    Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот велат дека бесплатната патарина за пат до Грција нема да влијае врз бројот на српски гости кои ќе летуваат кај нас. Ќе се привлекуваат со други мерки, како бесплатен паркинг, слободен влез во музеи, попусти во сместувачките и угостителските објекти. Бесплатните патарини за кон Грција, според директорот Љупчо Јаневски, е владина одлука која нема негативно да влијае врз туристичката сезона 2021 година.

    „Од ХОТАМ и угостителскиот еснаф веќе е прифатена мерката за одреден попуст. За брзо време ќе следи точката на дневен ред на Советот на општината за ослободување на српските туристи од плаќање за паркинг а исто така Агенцијата ќе ја отпочне иницијативата за барање од Министерството за култура за ослободување на српските гости од влезници. Тоа е веќе прифатено во Дојран и има резултати. Гостите кои транзитираат остануваат во градот. Сметам дека одлуката за бесплатни патарини нема да биде сфатена како негативна тоа е гест на пријателство и подадена рака. Секако кога тие веќе ќе транзитираат кај нас ние ќе се потрудиме да ги задржиме повеќе кај нас нудејќи им нови атракции бидејќи Македонија е неоткриена туристичка дестинација и за регионот и за Европа“, смета Јаневски.

    Очекувањата, според него, се дека годинава најбројни ќе се токму српските гости, но и гости од Црна Гора, Албанија, Косово, а се најавуваат и туристи од Бугарија, Полска и Холандија.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира