РЕНОВИРАНИТЕ ТРОТОАРИ НА „ОРЦЕ НИКОЛОВ“ ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО ПАК СЕ ПРЕТВОРИЈА ВО ПАРКИНГ ЗА КОЛИ

    РЕНОВИРАНИТЕ ТРОТОАРИ НА „ОРЦЕ НИКОЛОВ“ ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО ПАК СЕ ПРЕТВОРИЈА ВО ПАРКИНГ ЗА КОЛИГрадоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека во моментов сликата е таква бидејќи е затворен вториот дел и жителите немаат каде да паркираат, но излегуваат на терен и казнуваат.(Фото: Фејсбук)

    Реновираниот дел на улицата Орце Николов во скопско Дебар Маало повторно е блокиран од коли. Пешачките и велосипедските патеки кои сега се изведени, наместо за пешаци и велосипедисти повторно се наменети за возила. Никој не се паркира палалелно во изведените џебови, туку како стигне.

    Пред две недели градоначалниците на Општина Центар и на Град Скопје Саша Богдановиќ и Петре Шилегов заедно со премиерот Зоран Заев одржаа прес-конференција означувајќи го завршувањето на првиот дел од улицата, која како што кажаа ќе биде најубава во Скопје, со место за пешаци, мајки со колички и велосипедисти.

    „Неубавите слики кои што ги гледавме, каде лица со посебни потреби со инвалидски колички се движеа по коловозот и мајки со деца во колички поминуваа само кога нема возила по улицата, полека но сигурно стануваат минато“, рече Богдановиќ на прес-конференцијата на 15 мај.

    Но, само неколку дена подоцна откако градежните машини се префрлија во вториот дел, сликата е иста како и пред реконструкцијата, узурпирани тротоари од коли.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека во моментов сликата е таква бидејќи е затворен вториот дел и жителите немаат каде да паркираат, но излегуваат на терен и казнуваат.

    „Штом се заврши и втората траса состојбата ќе биде поинаква. Секако дека нема да дозволиме да се паркира кој каде сака, ќе има ред, ќе поставиме одредени елементи долж улицата со кои ќе се спречи паркирањето на тротоарите“, вели Богдановиќ.

    Со проектот за реконструкција долж цела улица ќе биде воведено паралелно паркирање со изведба на т. н. џебови во кои ќе биде дозволено паркирање само за жителите на зградите, со оглед на тоа дека е намален бројот на паркинг места. Коловозниот дел на улицата е стеснет за околу метар и пол, со задржување на двете ленти за возила.

    Целиот зафат чини околу еден милион евра, средства обезбедени од буџетот на Општина Центар.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира