Специјалното јавно обвинителство денеска влегло во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање, неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.
Специјалната обвинителка Катица Јанева со дел од нејзиниот тим од СЈО уште од претпладнево биле видени денеска во кругот на МВР, каде се наоѓа УБК. Од СЈО потврдија дека нивен тим работи е на терен во УБК.
„Со судска наредба баравме да ни се обезбеди увид во компјутерските податоци во УБК“, велат од СЈО.
Досега, СЈО отвори два случаја поврзани со УБК, „Тврдина“ и „Трезор“. „Тврдина“ е третата истрага на СЈО, објавена на 30 март, со петмина осомничени од УБК и МВР кои се товарат дека лани ја искористиле својата службена положба за да ја уништат опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра.
„Трезор“ е најновата истрага на СЈО од 28 септември против три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР, кои се сомничат дека прибавиле имотна корист за правно лице регистрирано како ДТУ „Финзи“ во вкупен износ од над 53 милиони денари, или над 862.000 евра. Станува збор за набавка на електронска и комуникациска опрема од правно лице од Велика Британија.