ЈАС ЌЕ ГО БРАНАМ ГРАДОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА ГАЛИЈАТА, УТРЕ ПРОДОЛЖУВА УРИВАЊЕТО, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    ЈАС ЌЕ ГО БРАНАМ ГРАДОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА ГАЛИЈАТА, УТРЕ ПРОДОЛЖУВА УРИВАЊЕТО, ВЕЛИ ШИЛЕГОВГрад Скопје почна да ја урива галијата на 5 април, но само еден ден потоа работите беа стопирани.(Фото: К.Попов)

    Град Скопје утре ќе продолжи со уривање на галијата во Вардар откако пред месец и половина ја стопираше постапката поради времена мерка од судот по тужба на сопственикот. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека времената мерка е стопирана и сега ќе се продолжи со отстранувањето на бродот.

    Сопственикот на бродот „Сидро“ кој е бугарски држaвајнин и покрај укинувањето на времената мерка ќе продолжи со тужбата против Градот бидејќи смета дека незаконски се урива објектот во коритото на реката Вардар. Првото рочиште е закажано за 7 јули.

    „Многу внимателно го водевме целиот процес и сите услови за отстранување на галијата се исполнети. Сопственикот немаше платено три кирии и тоа според договорот овозможува тој да биде раскинат. Лично јас ќе го застапувам Градот на првото рочиште“, вели градоначалникот Шилегов.

    Локација за бродот „Сидро“ најпрво на јавното наддавање во Град Скопје беше купена од фирмата „Фаланга ДООЕЛ“ која ја доби и локацијата кај МЕПСО. Потоа газда стана фирмата „Интек Мак“, за на крај бродот да го добие „Севрис АД“ . Рокот на користење беше 10 години од почнување со работа, а месечната кирија 64.999 денари.

    Галиите во Вардар се дел од проектот „Скопје 2014“. При една од многуте измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) Мал ринг, кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ, во коритото беа вцртани маркички за 6 сплавови, 4 од десната страна и два од левата страна на Вардар. На јавното наддавање во Град Скопје во февруари 2012 беа продадени само две локации на фирмата „Фаланга“, кај зградата на МЕПСО и кај хотелот „Холидеј ин“. Во декември истата година, беше продадена уште една локација на фирмата „Воденица“ меѓу двата пешачки моста кај Градскиот трговски центар. Останатите локации за сплавови кои потоа прераснаа во бродови, никој не сакаше да ги купи и тие не се продадоа.

    Во студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи се вели дека бродовите за третина ја намалиле проточноста на реката и дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира