УЕФА отвори истрага против австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ поради неговата реакција по постигнувањето на третиот гол на средбата со Македонија на Европското првенство. Искусниот напаѓач беше смируван од капитенот Давид Алаба откако на српски го пцуеше македонскиот фудбалер Езѓан Алиоски, на што реагираше и ФФМ, барајќи од УЕФА да го казни.
„УЕФА назначи етичко-дисциплински инспектор за да спроведе истрага во врска со инцидентот во кој беше вклучен Марко Арнаутовиќ на мечот од Европското првенство помеѓу Австрија и Северна Македонија на 13 јуни“, соопшти УЕФА.
Инцидентот се случи во 89. минута, кога Арнаутовиќ упати погрдни зборови кон противнички играчи, пред да се сврти кон публиката. Тој вчера се извини за својот испад, истакнувајќи дека не е расист.
„Имаше жешки зборови среде емоциите на натпреварот за кои сакам да се извинам, особено на моите пријатели од Северна Македонија и Албанија. Сакам јасно да кажам една работа: јас не сум расист. Имам пријатели во речиси секоја држава и се залагам за различности. Сите кои ме знаат се свесни за тоа“, напиша Арнаутовиќ на Твитер.