ВЕЖБА НА СКОПСКАТА ПОЖАРНА СО НОВАТА 42-МЕТАРСКА СКАЛА ПРЕДИЗВИКА ПАНИКА ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ

    ВЕЖБА НА СКОПСКАТА ПОЖАРНА СО НОВАТА 42-МЕТАРСКА СКАЛА ПРЕДИЗВИКА ПАНИКА ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТВежбата е генерална проба пред презентацијата на скалата пред јавноста на улицата 11 Октомври (Фото: СДК.МК)

    Скопската Противпожарна бригада попладнево имаше вежба со новата 42-метарска скала, што предизвика паника меѓу жителите кои пријавуваа дека во центарот има четири-пет пожарни возила со вклучени сирени, а над нив вртеше хеликоптер. Вежбата беше пред зградата на поранешната „ЗОИЛ Македонија“, кадешто  улицата 11 Октомври беше блокирана од возила на Пожарна, возило на Брза помош и пожарникари кои поставија и душек за спасување.

    „На почетоков на месецот скалата стигна од Будимпешта и вежбаме за презентацијата за јавност и медиуми што ќе ја имаме утре“, ни изјави Владимир Симоновски, командант на скопската Бригада за противпожарна заштита.

    Град Скопје објави дека презентацијата утре ќе се одвива на улица 11 Октомври, на потегот од „Тутунски комбинат“ до крстосницата кај Црвен Крст, а поради тоа во период од 18 до 21 часот сообраќајот на овој потег ќе биде пренасочен.

    Противпожарната скала Град Скопје ја купи за 1,7 милиони евра. Градоначалникот Петре Шилегов кажа дека досега Пожарна немала ваква скала и опрема, па не можело да се интервенира на повисоки згради.

    „Градот Загреб купил 42-метарска скала, без дополнителна опрема. Таа е шеста во Загреб во изминативе 30 години. Пред моето доаѓање, овој град 27 години го водеше ВМРО-ДПМНЕ. Ова е прва ваква скала која се купува во Македонија. Јас не сум стручен, ниту имам претензија да бидам стручен на таа тема, затоа техничката спецификација и потребата која ќе ја гарантира безбедноста на скопјани од една страна, меѓутоа и безбедноста на пожарникарите од друга страна, е работа која ја направија Противпожарната бригада“, изјави минатиот месец градоначалникот Петре Шилегов по обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека Загреб купил иста таква скала, но поевтина.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира