ОД ПОНЕДЕЛНИК СЕ ВАКЦИНИРААТ СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО, МОН СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ОТВОРАЊЕ НА ШКОЛИТЕ ЗА СИТЕ УЧЕНИЦИ

    ОД ПОНЕДЕЛНИК СЕ ВАКЦИНИРААТ СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО, МОН СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ОТВОРАЊЕ НА ШКОЛИТЕ ЗА СИТЕ УЧЕНИЦИОтворањето на училиштата за сите ученици е првото сценарио за идната учебна година, а подготвени се и другите два модела. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од понеделник ќе се вакцинираат вработените во основните и средните училишта во државата, а следната недела ќе започне закажувањето термини за вакцинација и на вработените во високообразовните институции, соопшти Министерството за здравство.

    Изминатава пролет се вакцинираа само наставниците од прво до трето одделение, оти само тие ученици посетуваа настава со физичко присуство, како и наставниците кои беа дел од полагањата на државна матура.

    „Овој процес на имунизација на наставниот и ненаставен кадар вработен во образованието, како дел од критичната инфраструктура го спроведуваме за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2021/2022 година“, додаваат од Министерството за здравство.

    Министерката за образование и наука Мила Царовска на 28 јуни кажа дека се подготвуваат три сценарија за тоа како ќе се одвива учебната година 2021/2022, и дека најпосакувано сценарио е сите ученици да се вратат во училишните клупи.

    Мистерството за образование и наука вчера го објави Планот за одржување на наставата со физичко присуство на учениците и протоколите за постапување на училиштата (основни и средни) во реализацијата на воспитно-образовниот процес по нивното отворање за сите ученици, што се планира од септември.

    Но, поради неможноста да се предвиди промената на епидемиолошката состојба во државата, Планот содржи и насоки за уште два модела (сценарија) – за настава на далечина и комбиниран модел, кој ќе важи за учениците од петто до деветто одделение и предвидува нивна поделба во групи – за настава со физичко присуство и за онлајн настава.

    • Отворањето на училиштата за сите ученици е првото сценарио за идната учебна година.
    • Доколку епидемиолошката состојба во државата е стабилна, наставата ќе се одржува со физичко присуство и почитување на здравствените протоколи за организирање ваков модел на настава. Наставниот час ќе трае 40 минути. Секое училиште за пристигнувањето, за заминувањето на паралелките во и од училиштето, за смените, користењето на големиот одмор ќе изготвува распоред.
    • Влегувањето во училиштето ќе биде дозволено само со заштитна маска и дезинфекција на рацете за сите вработени и ученици, ќе има редарска служба за контролирање на влезот и излезот и за почитување на растојание и другите мерки, пред влезот во училишниот објект ќе им се мери температура на учениците и вработените, а забранети се физички контакти т.е. поздравувања.
    • Просториите задолжително ќе се проветруваат по секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнување и по заминувањето на учениците, а за време на наставата во училницата, доколку дозволуваат временските услови, ќе се остава отворен прозорец. Во училницата (доколку ги има) ќе се избегнува употребата на уреди за климатизација и вентилација. И за време на одморите (мал одмор од 5 минути меѓу часовите и голем одмор од 15 до 20 минути) ќе се почитуваат мерките за заштита и е потребно да се намали колку што е можно повеќе физичкиот контакт меѓу учениците. За време на големиот одмор кога учениците се во училишниот двор, задолжително ќе се спроведува чистење на училниците со вода и сапун/детергент и со дезинфекциско антивирусно средство и задолжително ќе се проветруваат просториите.
    • Според Планот, исклучок од наставата со физичко присуство ќе бидат учениците од ризична група, со потврда од матичен лекар/педијатар. Тие ќе следат настава на далечина која ќе се реализира во истото време додека наставникот го одржува часот со учениците кои следат настава со физичко присуство.

    Доколку епидемиолошката состојба во државата или во одредени региони или општини се промени и се забележува повторно ширење на вирусот на ковид-19, Владата по препорака на Комисијата за заразни болести, може да донесе одлука наставата, заради заштита на здравјето на учениците, за учениците од петто до деветто одделение да се спроведе со учење на далечина, се наведува во Планот што го објави МОН.

    Во овој случај, наставниот час трае 30 минути час со пет минути приклучување. Наставниците ќе ја реализираат од училница во училиштето со користење на националната платформа. Во исклучителен случај кога во училиштето нема добра интернет-конекција и не може да се обезбеди, наставникот часовите може да ги одржува и од дома. Работниот ден на ученикот што ќе следи настава на далечина трае од три до пет часови (60-минутни) дневно, во зависност од возраста и ќе има одмор од десет минути по секој наставен час или активност.

    Третиот модел или сценарио предвидено во Планот на МОН е комбинирање на наставата со физичко присуство и учење на далечина. Тоа нема да важи за најмалите до четврто одделение, кои ќе следат настава во училиште, туку за ученици од петто до деветто одделение. Одделенијата ќе бидат поделени во две групи ученици (физичко присуство и онлајн) кои треба да бидат постојани (непроменливи). Овој начин на настава ќе се воведе доколку епидемиолошката состојба во државата или во одредени региони или општини се промени и се забележува повторно ширење на вирусот, а одлуката ќе ја донесе Владата по препорака на Комисијата за заразни болести.

    Средните училишта, пак, согласно просторните можности ќе ја организираат наставата со физичко присуство во една или две смени, со прва смена од 7.30 часот и втора смена од 13.30 часот. Времетраењето на наставниот час е 45 минути. По секој наставен час ќе има мал одмор во траење од пет минути и голем одмор во траење до 20 минути. Планот на МОН содржи посебни насоки за настава во средните стручни училипта, т.е за дуалните паралелки и за феријалната пракса, како и за наставата во спортската гимназија и училиштата од уметностите доколку се применува вториот модел т.е. настава на далечина, а и за средните, исто така, е предвиден комбинираниот модел односно поделба на класовите во две групи за следење настава со физичко присуство и на далечина.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира