Србија стана популарна локација за карантин, со оглед на тоа дека е единствена земја во Европа која не бара визи за индиските државјани. Индиските државјани кои престојуваат во Обединетите арапски емирати (ОАЕ), САД, Канада, Саудиска Арабија или пак патници кои престојувале во Индија, со месеци се заглавени, оти земјите низ светот ги забранија летовите од или до Индија поради ширењето на делта сојот.
Месецов, индискиот нискобуџетен авиопревозник „Спајсџет“ почна со чартер летови од Њу Делхи до Белград, преку Ереван во Ерменија или преку Тбилиси во Грузија. На тој начин, индиските патници одат во карантин во Србија пред да продолжат со патувања во други земји. Тие мора да приложат негативен ПЦР тест и потоа да направат уште еден тест пред да продолжат со патувањето.
Индиските туроператори продаваат пакети од 3, 14 или 22-дневен карантин во Србија, и досега над 1.000 Индијци ја искористиле оваа можност.
Авиопревозниците како „Катар ервејз“, „Луфтханза“, „ФлајДубаи“ и „Туркиш ерлајнс“ исто така имаат корист од овие летови, со оглед на тоа дека се зголеми фреквенцијата поради зголемената побарувачка. На некои летови од Белград, авиокомпаниите бележат над 60 отсто Индијци.
Летовите на „Спајсџет“ првенствено ќе ги користат индиски иселеници од ОАЕ, кои уште на 24 април забранија влез за граѓани на Индија, Пакистан, Бангладеш, Непал и Шри Ланка. Илјадници очајни патници одлучија да поминат 14-дневен карантин во Србија за да може да се вратат дома.