Кај пациент од Велес е регистриран индискиот (делта) сој на коронавирусот, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче. Со тоа, во земјава досега со делта сојот се заразени 4 пациенти, а за уште четворица се чекаат резултатите.
„Пациентот од Велес е со лесна клиничка слика. Четирите случаи за кои ги чекаме анализите се од Скопје и само еден од нив е во тешка состојба, приклучен на респираторна машина. Не станува збор за поврзани случаи, лицата не биле вакцинирани“, рече Филипче при посетата на Клиниката за гинекологија.
За нови мерки за патниците кои доаѓаат од земјите каде индискиот сој е раширен, Филипче рече дека Комисијата за заразни болести до крајот на неделава ќе заземе став по тоа прашање.
„Разговараме за оваа тема. Во моментов нема притисок во болниците, во Битола не се лекува ниту еден пациент, во Охрид само еден. Во регионот мерки имаат само Грција каде е регистрирано ширење на индискиот сој. Јас ќе разговарам и со министрите за здравство на земјите од регионот за да имаме организиран и заеднички пристап“, рече Филипче.
Во земјава активни се 130 случаи на ковид-19.
А. АНТЕВСКА