Град Скопје одлучи летово да не ги урива дискотеките во Градскиот парк туку да им дозволи да работат уште оваа сезона. Уривањето е заради изградба на забавниот парк, кој според новиот план на градоначалникот Петре Шилегов, треба да биде проширен и на местото каде сега се наоѓаат летните дискотеки.
Одлуката за продолжување на закупот до 30 септември е донесена за да им се овозможи да ги надоместат финансиските губитоци поради ковид кризата и рестриктивните мерки.
„Поради ковид кризата и рестриктивните мерки утврдени од Владата, угостителите не беа во можност да ја извршуваат угостителската дејност и претрпеа значајни финансиски потешкотии. Воедно, со подобрување на состојбата со бројот на заболени во земјата, сметаме дека е добро за младите да се овозможи заживување на социјалниот живот во градот, во рамки на она што е дозволено од страна на Комисијата за заразни болести“, велат од Град Скопје.
Од Градот велат дека градежните работи за изградба на забавниот парк ќе почнат наесен. Во тек е тендерот за проектирање, по што во август ќе биде распишан и јавниот повик за избор на фирма изведувач.
Забавниот парк треба да се димензионира за да опслужува околу 3.000 посетители дневно. Предвидено е поставување на забавни реквизити од кои дел се адреналински, најголемиот број се за деца и ќе има неколку семејни. Во просторот треба да се предвидат и пропратни содржини како фуд корнер, фонтана, билетара, продавница за сувенири, тоалети. Со проектот треба да бидат вклопени седумте реквизити купени од ексградоначалникот Коце Трајановски, но и да се предвидат локации за поставување нови 20, како панорамско тркало, ролеркостер, тајфун, пиратски брод, рингишпил.
Според проекциите на Градот, забавниот парк ќе биде готов во 2023, а ќе чини околу 12 милиони евра.
А. АНТЕВСКА