ИЗДАДЕНА ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА ЗА ПРВАТА ОД ТРИТЕ 20-КАТНИЦИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕ

    ИЗДАДЕНА ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА ЗА ПРВАТА ОД ТРИТЕ 20-КАТНИЦИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕДобиена е дозвола за зградата од 20 ката која се наоѓа на земјиштето на МПЦ-ОА,која всушност ја попречува отвореноста на плоштадот кон кејот (Фото: Идејно решение на трите кули)

    Фирмата „Фешн груп“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) можат да почнат со градење на првата од трите кули кај „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје. Барањето за добивање градежна дозвола е станато правосилно,  односно потпишана е градежна дозвола од градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и сега инвеститорите немаат никакви пречки да почнат со градба.

    Градоначалникот Саша Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдува дека нема никакви пречки да се почне со градба кај „Холидеј ин“.

    „Нема жалби по однос на барањето за градењето за кое се платени комуналиите. Откако пропадна можност за суспензија на Деталниот урбанистички план за тој дел, не постојат никакви пречки да се гради и барањето за градба стана правосилно“, вели градоначалникот Богдановиќ.

    На првата од трите градежни парцели на просторот кај „Холидеј ин“ ќе се градат три 20-катници. Прво ќе се гради зградата од 20 ката која се наоѓа на земјиштето на МПЦ-ОА и всушност ја попречува отвореноста на плоштадот кон кејот. Такму за оваа зграда се уплатени комуналии во висина од 2.4 милиони евра на Град Скопје и Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката. За овие два објекти дополнително ќе се платат комуналии, а за секоја Градот и Општината ќе наплатат приближно колку висината на комуналиите за првата зграда.

    Планот за зградите во овој дел од центарот на градот беше донесен во 2012 во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Власта на СДСМ не направи ништо да спречи во срцето на главниот град да се гради според план неусогласен со генералниот урбанистички план, иако пред да дојдат на власт остро ги критикуваа плановите на власта на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека со нив се бетонизира Скопје и ветуваа промена на урбанистичките политики.

    Не само што не ја смени урбанистичката политика на ВМРО-ДПМНЕ, туку за време на оваа власт беше направено дооформување на парцелата со продажба на државно земјиште. Во 2018, кога на сила беше мораториумот за градба во Центар, од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Горан Сугарески од СДСМ, инвеститорите го купуваат државното земјиште на овој простор со површина од 9.048 метри квадратни метри по цена од 312 евра за квадрат. Со тоа му се даде можност на инвеститорот да поседува поголем дел од просторот, наместо тоа да биде државно земјиште со кое Општината можеше да прави што сака и да предвиди содржини од јавен интерес, како што се градинки, паркови, школи и слично.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира