Туристите кои не се вакцинирани против ковид-19 и кои се враќаат во Грција од островите, ќе мора да приложат негативен ПЦР тест или брз тест пред да се качат на брод или на траект.
Одлуката вчера ја донесе Владата, а ќе важи и за патниците кои користат морско такси.
Грчката влада вчера објави дека сертификат за примена вакцина или прележан ковид-19 ќе биде потребен и за влез во објекти за забава на отворено, како кафулиња и ноќни клубови. Грција воведе нови правила, соочена со нов бран на инфекции на коронавирус. Покрај сертификатот, грчката влада одлучи капацитетот на кафулињата и ноќните клубови да бидат ограничен на 85 отсто и да биде дозволено само седење.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во понеделникот рече дека се воведува задолжителна вакцинација во Грција за здравствените работници и персоналот во старечките домови, а влез во затворени простори ќе биде дозволен само за вакцинирани муштерии.
Грчкиот весник „Катимерини“ објави дека владата планира за новата академска година која почнува во октомври, предавањата во живо на факултетите да можат да ги следат само студенти кои се вакцинирани или кои еднаш неделно ќе приложуваат негативен брз тест.
Оваа одлука засега е усвоена од Сенатот на Универзитетот во Атина. Ова сценарио е најпосакувано, затоа што ќе им овозможи настава со физичко присуство на студентите.
„Не можеме веќе да зборуваме за затварање на универзитетите, бидејќи имаме можност за вакцинација“, рече заменик-министерот за образование Ангелос Сиригос.
Според подоците од здравствените власти, во четвртокот беа регистрирани 2.794 новозаболени од ковид-19 и шест смртни случаи.