Во близина на крстосницата кај Момин поток се гради дивоградба, а Општина Карпош иако знае не може да ја урне бидејќи не ги пуштаат да влезат во градилиштето. Објектот се гради на државно земјиште и како што велат од Општината за САКАМДАКАЖАМ.МК, немаат издадено градежна дозвола и со тоа сопственикот не смее да гради.
Како што раскажуваат жителите од овој дел од градот, до пред неколку месеци на овој простор имало само плац за стари коли и авто делови, но постепено просторот почнал да се оградува и почнале градежни работи. Што се гради на парцелата и колкав објект не може да се види однадвор бидејќи просторот е заграден со гуми и делови од коли. Станува збор за локација на трасата на клучката Момин поток и дивоградбата се гради на само неколку метри од местото каде минатата недела градоначалниците Петре Шилегов и Стефан Богоев, заедно со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски одржаа прес-конференција за почетокот на градежните работи.
Од Општина Карпош велат дека чекаат интервенција на полиција за да можат да уриваат.
„Општина Карпош е запознаена со случајот. Во неколку наврати преку Секторот за инспекторат бевме на теренски увид на посочената локација и направивме обид за рушење. Станува збор за активности кои се одвиваат на државно земјиште и за истите не е издадена градежна дозвола од локалната самоуправа. Затоа што нашиот градежен инспектор беше спречен да влезе и да направи целосен увид на градилиштето, побарана е полициска асистенција од Министерството за внатрешни работи. Штом полициската асистенција ќе биде обезбедена, ќе продолжиме со постапката за отстранување на нелегалната градба“, велат од Општина Карпош.
А. АНТЕВСКА