Бројот на заболени со ковид-19 во Тетово драстично се зголемува, алармираат од Центарот за јавно здравје. Зголемениот број на лица кои времено се дојдени од странство, големиот број свадби, прослави и непочитувањето на заштитните мерки и протоколи го издигнаа Тетово на врвот од листата со најголем број заразени со ковид-19, 229 активни до вчера.
„Бројот на заразени во Тетово драстично е зголемен. Ако на 6 јули имавме само 6 заразени лица кои беа на домашно лекување, денес во Тетово има околу 220 лица на домашно лекување. Секој ден имаме по триесетина заразени лица, а вчера имаше дури 60. Сето ова е резултат на непочитување на мерките и протоколите бидејќи најголемиот број од инфицирани лица се од семејните прослави. Делта сојот е докажан на Тетовскиот Регион. На први јули имавме два потврдени случаи со делат сојот, а после една недела имаше уште три случаи. Тетово, кој до неодамна беше град на спорадични случаи, почнува да влегува во фаза на широко распространета трансмисија на зараза во заедницата. Нема класични кластери како порано, сите се поврзани со семејни настани, па очекуваме во наредниот период бројката на заразени и понатаму да расте“, вели др Сузана Субашиќ од Центарот за јавно здравје во Тетово.
Според неа, непочитувањето на заштитните мерки и малиот број вакцинирани лица се главните причини за наглото зголемување на бројот на заразени лица во Тетово.
„Генерално, сите нови случаи се невакцинирани лица. Од овие 220 лица кои се на домашно лекување имаме не повеќе од 10 лица кои биле вакцинирани, а се заразиле. Како и порано, така и сега се соочуваме со проблемот дека заразените не ги кажуваат и ги кријат контактите. Порастот на заболените во Тетово се должи и на тоа што има многу лица дојдени од странство, пред сè од западноевропските земји, кои после престојот кај нас се тестираат за да можат да се вратат во земјата од каде дошле и така се откриваат дека се заразени. Најчесто, тоа се млади лица и асимптоматски случаи. Затоа, кажуваме по кој знае кој пат дека вирусот не е победен, тој е присутен, а пандемијата не е завршена, а тоа значи дека мерките и панатаму мора да се почитуваат. Ако населението не се вакцинира, ако не ги почитува мерките, препораките и протоколите, есента ќе биде многу лоша“, алармира д-р Субашиќ.
Зошто има мал број вакцинирани во Тетовскиот Регион од Здравствениот дом во Тетово не можевме да добиеме прецизен одговор. Од институцијата велат дека поради системот на водење евиденција, не можат да ги добијат најновите податоци за бројот на вакцинираните лица во Тетово. Според нивните последни податоци, на вакционалниот пункт во Тетово имало 21 илјада луѓе кои примиле две дози вакцини.
„Деновиве, заврши првиот круг од теренската вакцинација по селата при што се вакцинирани 2.970 лица. Во градот бројот на вакцинирани лица е многу поголем и дневно се менува и засега не може да се каже точната бројка. Има заинтересираност за вакцинирање кај граѓаните, има граѓани кои доаѓаат да се вакцинираат и без закажан термин, но сепак одзивот не е задоволителен. Податокот дека во Тетово има најмал број вакцинирани најверојатно се однесува ако се земат во предвид и околните рурални општини кои спаѓаат под Тетовскиот Регион. Вакцинирањето таму оди далеку потешко“, изјави Борислав Јоргаќиески, директор на Здравствениоот дом во Тетово.
Според податоците на Министерството за здравство објавени на 3 август, во Тетово со една доза вакцинирани се 19,4 % отсто од населението и е втор град со најмала вакцинација после Кичево со 15, 8 отсто.
З. АНДОНОВ