МЛАДИТЕ СО КОВИД СИМПТОМИ ВЕДНАШ ДА СЕ ИЗОЛИРААТ И ДА СЕ ТЕСТИРААТ, АПЕЛИРА БИТОЛСКИОТ ЕПИДЕМИОЛОГ ТОНИ КОЊАНОВСКИ

    МЛАДИТЕ СО КОВИД СИМПТОМИ ВЕДНАШ ДА СЕ ИЗОЛИРААТ И ДА СЕ ТЕСТИРААТ, АПЕЛИРА БИТОЛСКИОТ ЕПИДЕМИОЛОГ ТОНИ КОЊАНОВСКИКоронавирусот во Битола сега најмногу се шири во возрасната група од 20 до 29 години. (Фото: СДК.К)

    Во овој период во Битола од коронавирус најмногу заболува младата популација на возраст од 20 до 29 години, вели Тони Коњановски, специјалист епидемиолог од Центарот за јавно здравје во Битола. Бројката на заболени од ковид-19 во Битола почна да бележи зголемување посебно по августовските празници. Меѓу заразените има случаи на лица кои се вратиле од одмор претежно од Охрид, што за Илинденските празници беше собиралиште на младежот од цела држава.

    „За Битола минатата недела од 2 до 8 август имаме 38 случаи. Претходната недела од 26 јули до први август имавме 24 случаи, значи само за тој период имавме зголемување на бројот на позитивни за 58 отсто. А сега во Битола имаме веќе 69 активни случаи, прилично се поклопува со бројот ако ги сумирате случаите на заболени од тие две недели“, рече Коњановски.

    „Апел до младите колку што е можно да се воздржат од масовни собирања, јас бев во Охрид, ги гледав масовно се движат во тајфи до 15 лица, претежно средношколска и студентска младина. Доста од младите коиристат брзи тестови кои можат да ги набават во аптеките и се тестираат сами. Тоа апсолутно не влегува во ситемот. Некои се дозволно совесни кога ќе видат позитивен таков текст да се тестираат и преку јавно здравје или преку регистрирани приватни лаборатории со ПСР тест, но некои минуваат и така, претпоставувам. Прво, штом имаат симптоми да се изолираат дома, да се исклучат од социјалните контакти, да се тестираат“, рече Коњановски.

    Порастот на болните најмногу се должи на енормното раздвижување во овој летен период посебно околу Илинденските празници, па наваму.

    „Најмногу ни заболува пополацијата од 20 до 29 години, тие се оние што најмногу се активни физички, кои се дружат, беа по одмори или ги користат одморите, го користат слободниот начин на движење. Таа популација главно не е вакцинирана. Охрид околу Ининденските празници беше собиралиште на младежот. Цела младина од Македонија, претежно средношколска беше во Охрид на ‘три стејџа’, како што велат младите – забави, гости на ѕвезди естрадни и журки со диџеи. Тоа неминовно придонесува за ширење колку и да е отворен простор. Има случаи што биле во Охрид и се вратиле позитивни, но има и такви кои биле во Албанија и Грција, не се многу, но ги има“, вели Коњановски.

    Тој смета дека требаше да има поголеми и контроли на границите при влез во државата и не требаше да се дозволат дозволат групирања на затворено. Сега апелира на што помасовна имунизација, бидејќи од младите кога болеста ќе влезе во кругот на семејството заболуваат и постарите луѓе. Има случаи на заболени вакцинирани, но не со клиничка слика за да завршат на болница, иако имало и болнички случаи, но многу малку.

    Д-р Коњановски апелира на што помасовна имунизација. Битола засега има добар процент на вакцинирани од 46,3 со примена барем една доза. Од околниот регион добро стои и Ресен, но потфрлува Кичево со само 22,3 проценти опфатеност со една доза. Таму, пак, со засилено темпо се шири болеста што, според податоците со кои располагаат епидемиолозите, се должи на зголемениот број свадби, сунети, прослави и присуство на гатербајтери.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира