ДОПРВА ЌЕ СЕ РАЗГОВАРА ЗА НЕВАКЦИНИРАНИТЕ НАСТАВНИЦИ ВО ТЕТОВО И НАСТАВАТА НА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ДОПРВА ЌЕ СЕ РАЗГОВАРА ЗА НЕВАКЦИНИРАНИТЕ НАСТАВНИЦИ ВО ТЕТОВО И НАСТАВАТА НА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕФилипче и градоначалничката на Тетово Теута Арифи денес разговараа за барањата на Кризниот штаб за онлајн настава. (Фото: СДК. МК)

    По разгледувањето на Главниот кризен штаб, Владата на седница ќе одлучи за предлогот на Кризниот штаб на Општина Тетово, наставниот кадар кој нема да се вакцинира до почетокот на учебната година да  мора секои 72 часа да прикажува негативен тест кој ќе го прави на своја сметка, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    Филипче и заменик-министерот за здравство Илир Хасани денеа беа во Тетово на средба со градоначалничката Теута Арифи, по што изјавија дека делумно е прифатено барањето на Кризниот штаб на Тетово, поради влошената епидемиолошка состојба во Општината, почетокот на учебната година да биде онлајн за сите ученици и студенти.

    „Целта на денешниот состанок беше да сумираме некои согледувања информации и од целокупното менаџирање со кризата. Имајќи ја во предвид целата ситуација, од Кризниот штаб во Тетово стигна барање за онлајн спроведување на наставата. За ова утрово дискутиравме на Комисијата за заразни болести и со консензус се донесе препораката средните училишта во Тетово и Гостивар од први септември наставата да ја започнат онлајн и тоа да биде препорака за првите две недели, а понатаму ќе се донесуваат одлуки согласно на тоа како ќе се одвива ситуацијата. Една од главните причини да се донесе ваква одлука е ситуацијата во болниците кои се преоптоварени. Бројката на ученици во средните училишта овде е прилично висока и може да биде доплнителен ризик фактор. Иако за време на минатата учебна година немаше трансмисија во училиштата, ние мораме да бидеме внимателни. Ова важи само за средните училишта од Тетово и Гостивар додека основните училишта можат да почнат со работа со физичко присуство“, изјави министерот Филипче.

    Што се однесува до почетокот на наставата за студентите од двата Универзитета во Тетово, Филипче рече дека за ова треба доплнително да се одлучува.

    „Треба да разговараме со Универзитетите за да ги видиме карктеристиките на одржувањето на наставата. Секој Универзитет си има посебна карактеристика на наставата. Кај средношколците знаеме дека голема бројка деца, и по четириесетина ученици, се сконцентрирани на мал простор во училниците. Кај Универзитетите има поголеми простории за помалку студенти и таа е логиката зошто сега носиме одлука само за средните училишта“, појасни Филипче.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира