Три членови од Тетовско од исто семејство се заразиле од ковид-19 и набрзо починале. Иако сите тројца биле во многу тешка состојба, не побарале лекарска помош и починале во домашни услови.
„Имаме информации дека минатата недела во домашни услови од исто семејство починале три лица, татко, мајка и ќерка. Сите тројца биле со тешки комобидитети, ќерката која имала 36 години, била со тешки гинеколошки проблеми, а и нејзините родители исто така биле со тешка форма на болести, таткото имал карцином, а мајката била со кардиомиопатија. Но и покрај тоа, со сигурност знаеме дека не дошле да се прегледаат во болница. Значи, генетскиот фактор и коморбидитетите се главната причина за ова. Во семејството немало други заболени лица“, изјави д-р Миранда Пајазити од Ковид-центарот во Тетово.
Докторка Пајазити вели дека има многу случаи кога има заболени кои се од исто семејство, и тоа се почесто полесни, кои се лекуваат до домашни услови.
Според последните податоци од тетовскиот Ковид-центар, за изминативе 24 часа на болничко лекување се 108 пациенти од кои 106 се на кислородна поддршка, има примено 14 нови на болничко лекување, а 10 се пуштени дома. Има и две починати лица на 40 и над 60-годишна возраст.
З. АНДОНОВ