КОРОНАВИРУСОТ ЗАТВОРИ ШЕСТ ПАРАЛЕЛКИ ВО ОХРИД, ВО СТРУГА НЕМА ЗАРАЗЕНИ УЧЕНИЦИ И НАСТАВНИЦИ

    КОРОНАВИРУСОТ ЗАТВОРИ ШЕСТ ПАРАЛЕЛКИ ВО ОХРИД, ВО СТРУГА НЕМА ЗАРАЗЕНИ УЧЕНИЦИ И НАСТАВНИЦИОпштина Охрид инвестираше во повеќето згради на основните и средните училишта на подрачјето на општината (Фото: СДК.МК)

    Од почетокот на учебната година, шест одделенија во основните и средните училишта во Охрид се во изолација поради заразени ученици и професори со ковид-19. Од наставниот кадар, има еден заразен во средните и двајца во основните училишта. Во домашна изолација нема групи деца од охридските градинки.

    Наставата, како што велат од Општината, се одвива со строго почитување на мерките за заштита од ковид-19, а подобрени биле и условите во објектите.

    „Обезбедени се средства за хигиена, посебен начин на влегување во училиштата и слични мерки предвидени со протоколите на Министерството за здравство и Министерството за образование и наука“, велат од Општината, потврдувајќи дека има поединечни случаи на зараза со ковид-19, но нема простор за паника од ескалирање на состојбата.

    Во изминатиот период, Општина Охрид инвестираше во повеќето згради на основните и средните училишта на подрачјето на општината. Според најавите, дел од нив ќе добијат и нов систем на греење и нова енергетски ефикасна фасада.

    Во Струга нема паралелка во изолација и не бил пријавен ниеден професор или ученик со симптоми на коронавирусот. Според директорот на Општата болница, Арменд Асани, состојбата е стабилна, а во болнички услови се лекуваат 19 пациенти.

    „Од минатата недела, кога бројот на прегледи се движеше од 120 до 130 пациенти дневно, моментално тој број е намален на околу 80. Засега немаме случај на заболен ученик или наставен кадар“, вели Асани.

    Според податоците од Институтот за јавно здравје, вчера во Охрид и Струга се регистрирани по девет новозаразени и моментално има 1.241 активен случај.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира