ОД 2022 ОПШТИНИТЕ ЌЕ ДОБИВААТ ПОВЕЌЕ ПАРИ ОД ДДВ И ПЕРСОНАЛЕН ДАНОК

    ОД 2022 ОПШТИНИТЕ ЌЕ ДОБИВААТ ПОВЕЌЕ ПАРИ ОД ДДВ И ПЕРСОНАЛЕН ДАНОКСо зголемувањето, Општините од персонален данок ќе добијат плус 12 милиони евра, а од ДДВ плус 27 милиони евра. (Фото: К. Попов)

    Општините од наредната година ќе добиваат повеќе пари од даноците кои ги собира државата. Со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, кој вчера помина на владина седница и ќе биде поднесен на усвојување во Собранието, се предвидува повеќе пари да се влеваат во општинските каси од персонален данок и од данокот на додадена вредност (ДДВ).

    Наместо 3 отсто од персонален данок, општините догодина ќе добиваат 4 отсто, во 2023 пет отсто, а во 2024 процентот кој ќе оди кај Општините по овој основ ќе биде 6 отсто. Поголем процент од парите кои државата ќе ги собере од ДДВ исто така ќе се даваат на Општините. Наместо сегашните 4,5 отсто, во 2022 процентот ќе биде пет, во 2023 ќе биде 5,5, а во 2024 шест отсто.

    Како што кажаа на денешната прес-конференција премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, ваквите измени на законот се дел од реформите за финансиска децентрализација со што Општините ќе бидат финансиски постабилни.

    „Со три проценти од персоналниот данок досега за единиците на локалната самоуправа одеа 600 милиони денари, односно околу 10 милиони евра годишно. Со зголемувањето од 2024 година, по овој основ Општините ќе добиваат дополнителни 12 милиони евра. Во однос на ДДВ, околу плус 27 милиони евра ќе добиваат Општините од 2024 година кога процентот ќе биде 6 отсто“, рече министерот Бесими.

    Законот сега ќе оди на усвојување во Собранието, каде се закочени низа закони, а до завршувањето на локалните избори нема шанси да се донесе ниту еден од нив, со оглед на тоа дека претстедателот Талат Џафери најави дека нема да закажува седница за да не се користи собраниската говорница за партиски предизборни препукувања.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира