1 Кој чул дека обвинителите нешто работеле во оваа држава додека не се појави Катица Јанева? Ама се разработеа во трката што прво ќе се случи – дали изборите или некое обвинение на Специјалното обвинителство. Па нормалните обвинители им стегнаа кривични пријави на специјалните обвинители. Како тргнале со кривичниве пријави, ако дојде до судење, па уште и ако некој судија го осуди Груевски, и на судијата ќе му стегнат кривична пријава за малтретирање.
Ваква ажурност на нормалните обвинители немаме видено од лани ова време кога издадоа соопштение со кое забранија да се објавуваат бомбите на Заев и им се заканија на новинарите дека ќе ги носат во затвор ако ги објавуваат. Ние дури сега откривме дека сме имале обвинители. И не само обвинители. И Совет на јавни обвинители сме имале. Па тие дури и седници имале. Па и работат нешто. И изјави даваат. Па дури и свое мислење имале.
Додуша, за државниот обвинител Марко Зврлевски слушнавме дека работи нешто дури лани ова време. Кога го слушнавме разговорот помеѓу Гордана Јанкулоска додека беше министерка за внатрешни работи и Зоран Ставрески, кога таа му се фалеше дека му средила кај Марко да отфрли кривична пријава за него. „Му спомнав на Марко, со тоа што му реков види, вака-така, не отфрли ја пријавата, него види да ја завршиме побрзо“, му раскажуваше Гордана на Ставрески и го успокои со зборовите: „Он знае што значи тоа. И после ми се јави назад и ми кажа, да знаеш тоа што ми даде задача, завршено е.“
Обвинителот постапувал по слушнат глас. Само бил малку селективен со слушањето. Не го слушал гласот на јавноста. Ама затоа кога ќе го чуел гласот на Гордана, он си знаел што значи тоа. И бидејќи обвинителот и треба да постапува по слушнат глас, а Зврлески има навика да слуша, стигнаа и кривични пријави за луѓе од тимот на Специјалното обвинителство. „Да знаеш, тоа што ми даде задача, завршено е“.
2 Американскиот амбасадор Џес Бејли во порака на социјалната мрежа Твитер напиша: „Новинарите треба да прашуваат тешки прашања, а кандидатите и официјалните лица треба да одговараат.“
Што збориш амбасадоре? Стварно така е? Новинарите прашуваат, а политичарите одговараат? Кога ќе се сетам, мислам дека некогаш и тоа се случувало. Сме прашувале и ни одговарале. Ама во Македонија новинарите во последно време сами се откажаа од поставување прашања. Барем последниве пет-шест години златното правило на македонското новинарство е следново: Ако одиш на некој настан, или на прес конференција не прашувај. А ако некој се осмели да праша, не објавувај.
Ми раскажа една колешка дека пред неколку дена имало брифинг во МНТ. Го промовирале Томаж Пандур, режисер од Словенија , еден од најпознатите европски режисери, кој ќе го поставува „Кралот Лир“ од Шекспир во Скопје.
За да не пропадне брифингот, а и за да не се посрамотат домаќините пред гостинот, директорот на театарот им рекол на новинарите: „Ај сега поставувајте прашања“. Две колешки од оние побогатите телевизии се нашле во небрано и рекле: „Прашања!? Па чекај, ние не ги знаеме прашањата!“
3 Добро, може ли и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да заборават на нас новинарите и да престанат да се расправаат за некаков нов закон за медиуми? Ем ќе ги откочат Пржинските преговори, ем ако толку се прават демократи стварно ќе не олабават. Па овие од СДСМ ако навистина сакаа слободни медиуми ќе бараа да се поништи постојниов закон, а не да предлагаат нов. Со нови ограничувања, со нови регулации, со нови казни… И сега што? Ќе преговараат за висината на казните. И кој ќе седи во цензорските тела. И кој цензор колку плата ќе има.
Уставот е јасен. Цензурата е забранета. Се гарантира слобода на говор. Се гарантира правото на одговор. Се гарантира правото на исправка. Се гарантира заштита на изворот на информации…
Покрај тој толку јасен член 16 од Уставот, секакво носење на закон само дополнително ќе ја ограничи веќе и онака ограничената слободата на изразување. Оти штом има закон – тоа по дефиниција значи и ограничување. Штом има казни – тоа по дефиниција значи самоцензура. Има еден куп закони со кои и до сега можеше да се открие како се финансираат медиумите, да се пронајдат вистинските сопственици на медиумите, да се спречи перење пари преку реклами…Само треба некој да сака да ги спроведе. Ама неселективно. Што би рекле ВМРО-вските демократи – балансирано.
Наместо да ги откријат криминалите во медиумите, тие ќе ја регулираат слободата на говор. Божем слободата е вода што тече, па ќе ја собереме и ќе ја канализираме. Слободата не може да се регулира. Или ја имаш, или ја немаш.
Седнале во Клубот на пратеници и расправаат како ќе ми ја реформираат мислата. Лицитираат со казни. И кога ќе седнеш да пишуваш текст и кога ќе правиш емисија, во главата постојано ќе ти стои казната што ќе ти ја одреди главниот цензор. Оти цензорот за кој се договориле дека ќе добие плата колку четири просечни плати што ние ќе му ја обезбедиме, ќе оценел што е балансирано новинарство.
Што ќе значи за јавниот интерес ако е претставен вака како што го договараат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ? Ова не се преговори за слобода на медиумите. Ова се преговори како да се подели пленот од медиумскиот бизнис. Или, како што би се изразил Зоран Заев: „Ова зло брзо ќе се повтори!“
4 Откако директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски откри дека секојдневно се отвораат по 500-600 нови работни места, ќе почнеме да ги згрижуваме не само бегалците од Сирија, туку и економските мигранти од Мароко, од Алжир и од Ирак што не ги примаат во ЕУ. Ќе ги освежиме малку на граница и наместо да ги возиме до Табановце ќе ги истовараме по пат низ странските инвестиции. Наместо да ги тепаат по железнички станици низ Стокхолм и да ги лажат во Германија, ќе ги вработиме во нашите германски фабрики.
Со тоа што на странските инвеститори сме им исплатиле 56 милиони евра од буџетот, не им помагаме само на странски приватни компании, како што е на пример белгискиот Ван Хол кој откри дека да не сме биле ние, бизнисот ќе му пропаднел, туку и помагаме и на Европската унија да ја реши бегалската криза. Кога веќе секое отворено работно место во странските инвестиции повлекло од нашиот буџет по 21.000 евра, тогаш дај да ги пополниме тие места со бегалци кога ќе се потрошат кандидатите за работа од списоците на партиските месни комитети. Како тргнале нашиве да бегаат од Македонија, брзо ќе се потрошат и партиските кадри.
5 Ја исчитав репортажата во Утрински весник за премиерот Емил Димитриев кој секој ден си одел дома во Пробиштип, каде што живеел во семејна куќа. Дознав дека комшивките биле многу горди на премиерот. Едната, од што била толку горда, се плашела името да си го каже, ама другата на која не и било страв да се претстави и што за среќа фрлала вода зад колоната возила, откри дека премиерот трга на работа од Пробиштип кон Скопје во 9 сабајле.
Во репортажата ми фалеше само уште едно прашање. Дали премиерот наплаќа и патни трошоци? Пред да ја донесе одлуката дали да се пресели во Скопје белким бил доволно мудар да ја консултира Силвана Бонева. Таа имала 23 илјади причини зошто секој ден од Струмица патувала до Скопје. За една година за патни трошоци од Собранието наплатила 23.000 евра.
Колку причини има премиерот Димитриев за да патува секој ден од Пробишти до Скопје и обратно со полициска придружба не дознавме. Не ги знаеме прашањата.