Во Македонија денес почнува вакцинацијата со трета доза против ковид-19. Според Националниот комитет за имунизација, трета доза се препорачува за сите граѓани над 60 години, здравствените работници и лица со имунолошки болести без разлика на возраста.
Третата доза ќе се дава од производителот „Фајзер“, без разлика со која вакцина претходно граѓаните се вакцинирале. Препораката важи и за граѓани кои прележале ковид-19, се вакцинирале, а спаѓаат во наведените категории.
Третата доза треба да се прими најмалку после 6 месеци од втората доза. Граѓаните ќе добијат порака преку „Мој термин“ дека може да се јават за вакцина.
„Граѓаните над 60 години согласно временскиот период после примената втора доза на вакцина ќе добијат порака да се вакцинираат. Таа порака ќе биде само потсетување во смисла дека нема посебен термин или пункт, може да одат каде било најблиску до местото на живеење. И понатаму ќе функционира пунктот во салата ‘Борис Трајковски’, во сите други поликлиники тука во Скопје и низ државата. Здравствените работници ќе се вакцинираат во рамки на здравствената организација, а лицата со имунокомпромитирачки проблеми, со потврда од лекар, може да се упатат на кој били пункт“, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот додаде дека се прават други испитувања дали трета доза би можеле да примат и други категории граѓани, како на пример оние кои се дел од критичната инфраструктура и онаму каде што постои поголем ризик.
За две недели се очекува да почне и скринингот на учениците за да се откријат евентуални асимптоматски носители на вирусот.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со 24 септември, вакцинирани се вкупно 781.623 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.495.762 дози вакцини, а ревакцинирани се 714.135 граѓани.
Со последните бројки 55% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.