НЕВАКЦИНИРАНИТЕ ГИ ПРЕПОЛНИЈА БОЛНИЦИТЕ ВО РОМАНИЈА И БУГАРИЈА, ДОДЕКА ДРУГИ ЕУ ЗЕМЈИ ГИ УКИНУВААТ СИТЕ КОРОНАМЕРКИ

    НЕВАКЦИНИРАНИТЕ ГИ ПРЕПОЛНИЈА БОЛНИЦИТЕ ВО РОМАНИЈА И БУГАРИЈА, ДОДЕКА ДРУГИ ЕУ ЗЕМЈИ ГИ УКИНУВААТ СИТЕ КОРОНАМЕРКИДо неделата, во Романија биле зафатени 1.220 од 1.239 кревети на интензивна нега (Фото: АП)

    Околу 72% од возрасните во Европската Унија се целосно вакцинирани против ковид-19, но ниската стапка на имунизација во некои источни членки се заканува да ги преполни тамошните болници среде ширењето на попреносливиот делта сој.

    Бугарија и Романија драматично заостануваат зад остатокот на блокот, со само 22%, односно 35% целосно вакцинирано возрасно население. Брзото зголемување на бројот на новозаразени ги натера властите да ги заострат рестрикциите во двете земји, во услови кога држави како Франција, Шпанија, Данска и Португалија веќе го надминаа прагот од 80% вакцинирани и полека ги укинуваат коронамерките.

    Еврокомесарката за здравство Стела Кирјакидес вели дека мора итно да се реагира за да се надминат загрижувачките разлики во вакцинирањето. Словачка, Хрватска и Летонија вакцинираа околу 50% од своите жители.

    Шефицата на одделот за интензивна нега на Институтот за пулмологија во Букурешт, Геновева Кадар, вели дека веќе немаат слободни кревети и дека 98% од пациентите се невакцинирани.

    „Во споредба со претходните бранови, луѓето сега доаѓаат со посериозни симптоми на болеста и голем дел од нив се на помлада возраст. Многу брзо завршуваат на респиратор и прогнозите им се лоши“, вели Кадар.

    Романија вчера регистрираше над 11.000 нови случаи на зараза, што е најголема дневна бројка од почетокот на пандемијата. До неделата биле зафатени 1.220 од 1.239 кревети на интензивна нега, со колку што располагаат романските болници.

    Во соседната Бугарија, 23% луѓе велат дека не сакаат да се вакцинираат, што во остатокот од блокот изнесува 9%, според истражувањето на „Еуробарометар“.

    Експертите сметаат дека скепсата кон вакцините во делови од Европа би можела да ги поткопа напорите за завршување на пандемијата на континентот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира