Македонија и Албанија продолжуваат да ги исполнуваат условите за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, се вели во новиот извештај за проширувањето изготвен од Европската комисија. Во него се оценува напредокот на земјите од Западен Балкан и Турција на нивниот пат кон Европската Унија, со фокус на спроведувањето на суштинските реформи.
Според еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, Македонија и Албанија забрзано напредуваат на патот на реформите.
„Одложувањето на почетокот на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија негативно се одразува врз кредибилитетот на Европската Унија. Решавањето на постојните билатерални проблеми помеѓу Бугарија и Северна Македонија е приоритет. Клучно е членките на Унијата да ги завршат разговорите за преговарачката рамка без одложување и што поскоро, до крајот на годината, да се одржи првата меѓувладина конференција со двете земји“, вели Вархеји.
Брисел истакнува дека од неодамнешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Словенија беше испратен важен сигнал дека иднината на Западен Балкан лежи во рамките на Европската Унија, која продолжува и финансиски да го помага регионот, за што преку новиот Инструмент за претпристапна помош се издвоени речиси 30 милијарди евра.