ИЗЛЕЗНОСТА НА ИЗБОРИТЕ ДО 9 ЧАСОТ Е 5,25 ОТСТО, ВО ПРВИОТ КРУГ БЕШЕ 3,64

    ИЗЛЕЗНОСТА НА ИЗБОРИТЕ ДО 9 ЧАСОТ Е 5,25 ОТСТО, ВО ПРВИОТ КРУГ БЕШЕ 3,64Технички проблеми имало на неколку избирачки места каде гласањето било прекинато. (Фото: СДК.МК)

    Излезноста во вториот круг на локалните избори до 9 часот е 5,25 отсто, за разлика од првиот круг кога беше 3,64 отсто. До 9 часот гласале 56.700 гласачи од 1.353.990 кои имаат право на глас во вториот круг.

    Најголема излезност има во Општините Ранковце 15,23 отсто, Конче 14,28, Пехчево 13,73,  Лозово 11,89, Зелениково 11,74, Кратово 11,02, Пробиштип 10,94, Демир Хисар 10,88, Вевчани 10,51 и Ресен 9,18 отсто. Во другите општини излезноста е под 9 отсто.

    Како што кажа претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски, гласањето на сите избирачки места почна навреме, со проблеми на неколку избирачки места.

    „Во Скопје имаше технички проблеми на избирачко место во Кисела Вода, Карпош, Центар и Сарај, а во земјава имаше во Злетово, Македонски Брод, Лабуништа и Чешиново-Облешево. Главно станува збор за технички проблеми, односно мемориските картички не работеа па се сменија со други. На другите избирачки места имаше различни податоци, па ИТ инжинерите ги средија. Секаде се решени проблемите и гласањето си тече. Таму каде е прекинато за саат време ќе биде продолжено за исто толку време“, рече Даштевски.

    Денеска во вториот круг се гласа во 44 Општини и Град Скопје. Во Дебар и Шутро Оризари на по едно гласачко место се повторува гласањето од првиот круг. Изборите ги надгледуваат 1.598 надгледувачи од кои 1.220 домашни, а 368 странски и 10 странски новинари.

    Како што кажаа од ДИК, досега нема неправилности на гласачките места.

    Државната изборна комисија денеска има отворен бесплатен телефонски број 0800 555 44 за пријавување евентуални изборни неправилности и повреди на гласачкото право. За граѓаните со оштетен вид, слух и говор на денот на изборите активен ќе биде телефонскиот број 076 488 360 на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање до ДИК и да добијат одговор на македонски знаковен јазик.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира